22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Младите и дигитализацијата во фокусот – Клубот на млади пратеници и ИДУЕП во заедничка посета на општина Охрид

Барање за брзо опремување на просториите на локалниот младински совет, иницијатива за поместување на почетокот на училишната година и второто полугодие со цел заштеда на електрична енергија, дигитално поврзување на локалната самоуправа со централните бази на податоци, како и зајакнување на соработката помеѓу Собранието и општина Охрид со вклученост на граѓанскиот сектор беше целта на настанот кој се одржа во Охрид, а во рамки на иницијативата „Младите во фокусот“, во организација на Клубот за младински прашања и политики во Собранието и Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП), а во соработка со Општината.
Пратеничката Моника Зајкова, која е координаторка на Клубот на младински прашања и политики во Собранието во кој членуваат пратеници до 35 години од различни политички партии истакна дека оваа инцијатива има за цел да ги стави младите на прво место, да поттикне конкретни активности за зајакнување на соработката меѓу централната и локалната власт во сферата на младите, а со идеја тие да се вклучат во креирање на јавните политики, но и во самите општествено-политички процеси на локално и централно ниво.
„Иницијативата ‘Младите во фокусот’ која ја спроведуваме заедно со ИДУЕП, а започнува од општина Охрид, е дел од заложбите на собранискиот Клуб за млади за преземање на конкретни активности со цел вклучување на младите луѓе во општествените текови, како и нивна консултација при процесот на носење одлуки од страна на јавните институции. Акцентот го ставаме на предизвиците за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, градење на капацитети на локалните младински совети, но и реализација на заеднички конкретни иницијативи и активности со цел унапредување на положбата и квалитетот на живот на младите луѓе, градење партнерски однос меѓу младите и институциите и воспоставување на одржлив процес на дигитална трансформација на локално ниво како важен сегмент од доброто управување“, рече Зајкова.
Според пратеничката, потребно е заедничка општествена работа за поддршка на младите и процесите на дигитална трансформација со цел конкретни резултати и да ги мотивираме младите да го гледаат животот дома, односно да им е предизвик да останат во својата земја наместо да заминуваат надвор. Таа ги повика претставниците на локалниот младински совет, граѓанските организации и младите од Охрид да испраќаат свои предлози и иницијативи до Собранието и Клубот на млади пратеници, како и да дојдат во официјална посета на која одблиску ќе се запознаат со работата на ова парламентарно тело.
Градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков ја поздрави иницијативата „Младите во фокусот“, најавувајќи засилена соработка помеѓу собранискиот Клуб за младински политики и Општината за што ќе биде именувано и посебно одговорно лице од општинскиот Сектор за млади и спорт.
„Општина Охрид е една од ретките во земјата во која веќе функционира општинскиот Совет на млади, а наскоро се очекува да профункционира и Центарот на млади кој ќe биде сместен во просториите на ХАБ касарната во Охрид. Речиси половина од општинскиот буџет го наменуваме за поддршка на младите преку различни програми во образованието, културата, спортот“, истакна Пецаков.
Тој информираше дека изминатава година била воведена можноста за електронска наплата на данок на имот, како и дека дигиталната трансформација на Охрид започнува засилено од 2023 година.
„Предвидено е од следната година да започнеме со дигитализација на услугите во делот урбанизам и е-катастар, понатаму централното урбано јадро, како и дигитален видео надзор во соработка со надлежните институции на централно ниво. Во процесот на подготовка на сеопфатен план за дигитална трансформација на Општина Охрид ги вклучуваме локалните компании кои се бават со оваа проблематика, а сите овие активности внимателно ги планираме согласно важечките законски прописи“, посочи градоначалникот Пецаков на средбите.
Дали и колку младите луѓе ќе продолжат да се иселуваат од Охрид или целата земја најмногу зависи од тоа каква перспектива ќе им дадеме денес, рече Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи.
„Верувам дека овој тип на соработки кои ги гледаме во рамки на собранискиот Клуб на млади пратеници, но и ваквите заеднички средби ќе бидат јасен показател и пример како институциите на локално и централно ниво може и треба да функционираат. Тоа значи да бидат обединети во интерес на граѓаните и нивните потреби, фокусирани на потребите на младите луѓе. За политика секако дека треба да има место, но таа да ја оставиме таму каде што припаѓа, помеѓу политичките партии, а не во јавните институции кои припаѓаат на сите граѓани подеднакво“, истакна Кордалов.
Претставниците на општина Охрид посочија дека локалниот младински центар добива поширока поддршка од страна на национални организации и донатори како што се Коалицијата СЕГА и УСАИД, како и дека е донесена Програмата за негова работа од страна на Советот на Општината, со што младите добиваат и сопствен младински буџет.
Јован Цветкоски, кој е претседател на Младинскиот совет истакна дека во тек на реализација се првите два проекта на локалниот Младинскиот совет. Првиот се однесува на спроведување анкети и јавни дискусии со училишни и младински заедници за тоа колку младите ја гледаат перспективата во Охрид, кои се нивните ставови за младинската невработеност и слично. Вториот проект кој е наречен „Урбана уметност“ се однесува на разубавување на стари објекти или оштетени фасади. Цветкоски информираше дека до локалниот Совет за млади постојано пристигнуваат нови интересни и приоритетни предлог проекти за што укажува на богата програма за работа и во следната 2023 година.

Живка Ангелоска, советничка во Советот на општина Охрид истакна дека процентот на иселување на младите треба да претставува основа во делувањето и треба да се даде максимумот во рамките на нивните надлежности да направат што повеќе за подобрување на квалитетот на живеење на младите во општината.

„Горда сум што сме општина која веќе има локален Младински совет, и секако дека сите забелешки кои се конструктивни и во насока за подобро функционирање треба да бидат имплементирани и поддржани. Ќе бидеме успешна општина само доколку повеќе ги вклучиме младите во донесувањето на локалните политики во општината. Убедена сум дека нема да има советник кој би дал црвено светло на секој издржан предлог кој доаѓа од младите и може да се реализира на општо задоволство на граѓаните на Охрид, рече Ангелоска.

На средбите присуствуваа и раководните лица за млади и спорт, како и за процесот на дигитализација во Општина Охрид, претставници од различни политички партии, советници од Советот, како и претставници на општинскиот Совет на млади и дел од младинските граѓански организации.

Заедничката иницијатива на собранискиот Клуб за младински прашања и политики и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во следниот период продолжува со реализација на работни средби во единиците на локалната самоуправа низ целата земја.