Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на тркалезната маса “Превенција и следење на корупцијата во судството“. Во своето обраќање Тупанчески се осврна на состојбите во судството и етичката одговорност на судиите.
,,Правосудството и борбата против корупцијата се дел од клучните точки на Кластерот “Основи” како еден од најважните во процесот на евроинтеграција. Почитувањето на етичките правила и принципи несомнено ќе ја подобри перцепцијата за судството, а во насока на зајакнување на довербата на јавноста. Очекувањата на граѓаните се секој судија да биде пример за судиската независност, објективност, правичност, што ќе ја гарантира правната сигурност и ќе придонесува за достоинствен живот”рече Тупанчески. Со цел за унапредување на независноста на судството, преку низа законски решенија се обезбедени формалните гаранции за судската независност во смисла на: траен мандат, формирање на судскиот совет, посебен судски буџет, соодветно уредена дисциплинска постапка и основи за нејзино поведување, доволно широк опсег на оценување и санкции и слично.
Етичката одговорност е предвидена во Кодексот за судска етика, а неговата содржина и како и улогата на Советодавното тело за судска етика, како и измените во законите кои се однесуваат на одговорноста на судиите, се позитивно оценети во рамки на четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО. Позитивно оценети се и новиот Кодекс за етика на судиите и судиите поротници, со кој се воведени јасни етички правила, дополнителните упатства, објаснувања и практични примери дадени во придружен прирачник и воведувањето на задолжителна обука за антикорупциски мерки и етика.