22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Граѓаните покажале дека обединувањето ја носи слободата

„Граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата. Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на централната прослава за 8 Септември – Денот на независноста.

Тој додаде дека две работи се најважни за независноста на земјава – мудро, храбро и прогресивно лидерство, кое во клучен момент може да препознае што е исправно и да води напред, како и заедништво и обединедост во заложбите за постигнување напредок.

„Мораше да се обединиме за независноста на Македонија во 1991 година. Мораше да се обединиме и кога одлучивме да надвладее разумот и да спречиме проширување на конфликтот во 2001 година. Мораше да се обединиме кога ја обновивме демократијата во 2017 година. Мораше да се обединиме кога носевме тешки државнички одлуки со кои што Република Северна Македонија стана членка на НАТО. Денес мора да сме обединети за да се реализриа нашата втора стратешка цел – полноправно члнество во ЕУ“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека на патот од независноста до денес наша должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет и да ја развиеме функционалната мултиетничност по која сме препознаени со светот.

„Го зачувавме, го потврдивме и го зајакнавме македонскиот идентитет. Македонците и македонскиот јазик се впишани во личната карта на Обединетите нации. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик. Европската Унија нè прифати како Македонци, кои говорат македонски јазик“ рече Ковачевски.