Стабилноста на финансискиот систем беше одржана успешно и во 2021 година при што речиси сите сегменти од финансискиот сектор остварија забрзан раст. Банкарскиот систем, како главен дел од финансискиот систем, ја задржа својата сигурност, а со носењето на макропрудентните мерки во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот, дополнително се зајакнува неговата отпорност на шокови. Стабилноста на девизниот курс, како клучен предуслов за финансиската стабилност, беше одржана успешно, со што уште еднаш се потврди цврстата определба на Народната банка за доследно спроведување на стратегијата на фиксен девизен курс, за што гарантира и соодветното ниво на девизни резерви. Ова се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2021 година, којшто беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.
Народната банка од март 2022 година започна со постепено зголемување на основната каматна стапка, со што се придонесува за смирување на инфлациските очекувања и одржување на среднорочната ценовна стабилност.
Пазарот на недвижности се покажа како отпорен на неповолното влијание на пандемијата. Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година. Растот на станбеното кредитирање, втора година по ред, придонесува за речиси половината од растот на вкупниот долг на домаќинствата, којшто и во 2021 година се зголемуваше со забрзана стапка на раст, којашто сепак беше пониска од растот на номиналниот БДП.
Банкарскиот сектор добро се справи со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт. Кредитното портфолио е здраво и стапката на нефункционални кредити бележи подобрување во однос на претпандемичниот период. Кредитниот раст забрза, поддржан од растот на депозитите и беше речиси подеднакво насочен кон домаќинствата и кон корпоративниот сектор. Отпорноста на банкарскиот сектор се потврдува и со редовните стрес-тестови коишто покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови.
Капитално финансираното приватно пензиско осигурување и во текот на 2021 година остваруваше раст на акумулираните средства и забележа подобар принос од инвестирањето, но реалниот принос за период од седум години се намали. Во структурата на средствата на пензиските фондови и натаму преовладуваат вложувањата во должнички финансиски инструменти, а изложеноста на ризици го нагласува значењето на кредитниот ризик и ризикот од промена на цените на странските сопственички инструменти.
Осигурителниот сектор во 2021 година закрепна од шокот на пандемијата и оствари раст на активностите, притоа задржувајќи ја високата солвентност.
Останатите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.
Предизвиците за домашниот финансиски сектор во следниот период главно произлегуваат од зголемената геополитичка нестабилност и ризиците за инфлацијата и за економската активност поврзани со тоа. Важно е што банките имаат способност за апсорбирање на ризиците и се отпорни на шокови. Народната банка и во следниот период ќе биде подготвена за преземање соодветни мерки доколку оцени дека е потребно за да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, како и севкупната финансиска стабилност, се истакнува во Извештајот.
Покрај Извештајот за финансиската стабилност, Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои и Етичкиот кодекс, со кој се утврдуваат принципите врз кои се темелат независното работење, доброто управување, професионалните стандарди, достоинственото работење, транспарентната комуникација со јавноста, односно професионалната и деловната етика за успешно и ефикасно извршување на работата на Народната банка. Целта на овој кодекс е одржување висок степен на професионално и етичко однесување при спроведувањето на целите и задачите на Народната банка од страна на членовите на Советот и вработените на Народната банка.