23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Инвестираме во капитални проекти во земјоделството за одржливо и зголемено производство на храна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, присуствуваше на пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“, во Општина Ранковце, организиран и модерен систем за наводнување на земјоделските површини, со што се обезбедува одржливо производство за земјоделците од регионот.

Премиерот Ковачевски упати благодарност до делегацијата на Европската Унија, со чија финансиска поддршка во вредност од близу 1,8 милиони евра е изграден системот, како дел од проектот на ИПА за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување, во повеќе региони во државата, чија што вкупна вредност е околу 10 милиони евра.

„Постоечкиот систем за наводнување беше нефункционален, со минимален капацитет за наводнување од само 40 хектари. Сега со новиот систем ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат околу 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци“, подвлече Ковачевски.

Тој посочи дека системот ќе придонесе за рационално искористување на водата од Крива Река, со што се обезбедува достапна вода за наводнување на земјоделските посеви, во текот на целата година, што ќе влијае на подобрување на земјоделското производство, во квантитет и во квалитет.

„Крајниот резултат е да се обезбеди што повеќе храна, особено за време на криза“, подвлече Ковачевски додавајќи дека системот „Славишко поле“ е само една од многуте инвестиции на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во изминатите пет години ресорното министерство вложува во капитални инвестиции во изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување чија со вредност близу 230 милиони евра.

„За прв пат донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза, и планот веќе се реализира. Тоа се мерки за зголемено производство на домашна храна, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе“, рече Ковачевски подвлекувајќи дека предвидените мерки, на среден рок ќе придонесат за зголемување на домашното производство на пченица за околу 30.000 тони.

Премиерот Ковачевски подвлече дека ова значително ќе влијае врз намалување на увозот и подвлече дека поради очекуваната тешка зима, земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети.