Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во текот на посетата на Фондацијата Барка како дел од еднонеделната посета на Република Полска даде изјава за Националната Полска Телевизија.
Посетата на Полска ја истакна како важна можност за Северна Македонија да го осознае долгогодишното искуство, да се видат добри примери и успешни приказни на Република Полска во развој и поддршка на социјалното претприемништво и социјалната економија.
Министерството за труд и социјална политика со поддршка на проектот „Поддршка на социјалното претприемништво“ финансиран од Европската Унија работи на развој на законска регулатива, како и воспоставување на структура за градење на капацитети, развој и поддршка на социјалните претпријатија и оваа посета на Полска како земја членка на ЕУ исклучително ќе допринесе во поддршка на тековните активности и заложби поврзани со социјалното претприемништво.
„Како министерство ја препознаваме важноста и улогата на социјалните претпријатија за поддршка на најранливите граѓани кои имаат исклучително влијание во намалување на стапката на невработеност и обезбедување интеграција на оние граѓани на кои им е потребен транзиционен период и поддршка во интеграција на пазарот на трудот. Намалувањето на невработеноста, развојот на социјалните услуги согласно потребите на граѓаните во насока на намалување на социјалната ислученост, реинтеграција во заедницата на најранливите групи како и енергетската и економската криза, се предизвици со кои се соочуваме,“ изјави Тренчевска.
Како дел од градењето на пријателските односи помеѓу Северна Македонија и Полска во петок ќе се потпише Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Министерството за семејство и социјална политика на Република Полска.