Денеска отвораме нови перспективи за државата, нови можности за просперитет за граѓаните, од овде, и од денес па натаму, одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик, порача претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на денешната негова прес-конференција.
„Изминативе денови на повеќе различни форуми и со многу чинители го дискутиравме европскиот предлог. Таа широка консултација и дискусија денес се заврши во Собранието каде пред јавноста, пред граѓаните имавме прилика да ги издискутираме и повторно да ги потврдиме нашите позиции и нашата посветеност на европскиот пат“ порача Ковачевски.
Во своето обраќање, премиерот истакна дека граѓаните овие денови имале можност да видат кој како се однесувал во Собранието по ова важно прашање.
„Граѓаните имаа единствена можност да видат дека во Собранието ние говоревме за почитување и зацврстување на минатото, за цврста и долгорочна поддршка на нашиот идентитет и национална посебност, за стабилна сегашност, но најмногу од сѐ за подобра блиска иднина, за прогрес, за развој, за перспективна иднина базирана на здрав, вистински и модерен патриотизам.
Опозицијата пак говореше за лажен патриотизам, за квази митови, за измислени апокалипси, за црнила, за странски сценарија. Свиреа, урлаа, палеа, кинеа, споредуваа наши државни пријатели со луѓе од најмрачните периоди во историјата. Сето ова тие го прават, како во нивното историско и партиско минато, за свои и странски нарачки, за туѓи, а не за македонски интереси. По не знам кој пат докажаа дека за нив идентитетот се брои во пари, во криминал, во бели дворци и црни фотељи и автомобили. Тоа е нивниот идентитет, НЕ на македонскиот народ и држава.
Ние денес велиме ДА за зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност. И дома и насекаде во светот. Ние велиме ДА за развој на заедничка, мултикултурна, мултиверска, за граѓанска држава, интегрирана рамо до рамо со најголемите нации и држави во светот“ порача премиерот Ковачевски.