26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСИЗБОР

Германците во страв поради недостиг од гас, купуваат електрични греалки и печки на дрва

Германците, плашејќи се од недостиг на гас, купуваат се повеќе електрични греалки за есен и зима, иако канцелариите за заштита на потрошувачите предупредуваат на неекономичноста на овој тип на греење, пренесуваат локалните медиуми.

„Имаме натпросечна побарувачка за греалки“, велат од синџирот продавници за електрична стока.

Синџирот продавници за градежен материјал забележал 100 отсто поголема побарувачка отколку во истиот период минатата година.

„Побарувачката нагло се зголеми во последните три недели“, вели Флоријан Преус од синџирот Хорнбах.

Како што пренесува агенцијата ДПА, германските граѓани се повеќе стравуваат дека Русија би можела целосно да ја прекине испораката на гас за Германија.

Експертите проценуваат дека наесен, кога граѓаните ќе се вратат од летните одмори, може да следи вистинска навала кон електричните греалки. Истовремено, канцелариите за заштита на потрошувачите предупредуваат на високите цени за греење на ваквите уреди и посочуваат дека греењето на струја е погодно само во случај на краткотраен дефект.

„Долгорочното електрично греење нема смисла. Греењето со електрични греалки е сепак три пати поскапо од греењето на гас“, вели Рајнхард Лох од Канцеларијата за заштита на потрошувачите на сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Во моментов гасот не доаѓа во Германија преку магистралниот гасовод Северен тек 1 поради ремонт на централата. Многумина стравуваат дека по еднонеделниот ремонт, Русија повеќе нема да испушта гас преку овој гасовод.

По нападот на Русија врз Украина, Германија сè повеќе бара други извори на гас, како што е зголемениот увоз на течен гас, но целосната зависност од рускиот гас може да трае со години, велат познавачите.