23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Трилатерална средба помеѓу Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, Делегацијата на германското стопанство и претставници од Хајделберг и Манхајм: Што понатаму?

Во рамките на официјалната посета на германската делегација во Скопје, претставниците од управата на Институтот во Хајделберг и Баден-Виртемберг и дел од раководството од Државниот дуален универзитет од Манхајм – DHBW, остварија трилатерална средба со претставници од Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, од една, и Делегацијата на германското стопанство во РСМ, од друга страна. Фокус на средбата беше воведувањето и адаптацијата на германските дуални високообразовни студии во нашата земја.

Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје беше претставена од страна на г-дин Ото Граф, во функција на заменик-амбасадор и раководител на економскиот оддел. Германската амбасада активно ја поддржува оваа иницијатива за трансформирање на македонскиот образовен систем преку воведување на дуалниот концепт, со трансфер на знаење и практики од најдобрите универзитети / школи во Хајделберг, Манхајм и Франкфурт.

„Разговараме за можности да се воспостави понатамошна опција за образование на младите и јас сум голем оптимист дека ќе најдеме решение за ова да продолжи.“ – изјави заменик-амбасадорот Граф

Делегацијата на германското стопанство во РСМ ја претставуваше Дејан Чуповски, проектен менаџер за дуално стручно образование. За време на средбата, Чуповски поентираше: „Говорам како проектен менаџер на програмата за дуално стручно образование, која ја спроведуваме од 2017 година. Тука сме да ја процениме состојбата и да откриеме дали има можности за воспоставување програма за дуални студии на универзитетско ниво.“

Германските претставници беа: проф. д-р Улрих Цајтел, претседател на Управниот одбор на Институтот за бизнис и менаџмент ХАЈДЕЛБЕРГ во Скопје, Извршен директор на ФОРУМ Институтот за менаџмент и професор на Хајделберг Универзитетот во Германија, д-р Бриџит Спилман (член на Одборот на Институтот Хајделбе¬рг), проф. д-р Георг Наглер (ректор на Државниот дуален универзитет за соработка во Баден-Виртемберг – The Baden-Württemberg Cooperative State University – DHBW) и Торге Фишер (консултант за образование во DHBW).

Ректорот на Државниот дуален универзитет од Манхајм – DHBW, проф. Наглер, заокружи: „Постои тесен контакт меѓу германските економски тенденции и македонскиот развој. Мислам дека повеќе од 100 години дуалното образование на професионален план покажа дека на овој начин младите може да се едуцираат и да изградат свое место во државата и приватниот бизнис океан.“

Со тоа, Институтот започнува едно ново поглавје во неговото, речиси петгодишно постоење, со целосно ребрендирање и реструктурирање како IBMHS – STATE DUAL UNIVERSITY STUDIES. За таа цел, во периодов што следува, предвидена е поинтензивна комуникација со сите чинители на бизнис секторот и државата, а во насока на соработка за вмрежување на германските и домашни компании, преку новиот концепт на учење и работа кои се во ТИРЗ и надвор од нив, со таргетирани мерки и програми согласно концептот на дуалното високо образование. Првата јавна дебата која е предвидена како панел дискусија, во рамките на Институтот Хајделберг, ТИРЗ, Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ), Стопанските комори и Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, ќе биде посветена на: „Германското дуално високо образование и врската со бизнис секторот“.

Настанот ќе се одржи на 22.07.2022 година, каде се очекува слободна дебата и размена на аргументи помеѓу присутните со цел трансформација на досегашните практики и одговор на новите пазарни побарувања. Поконкретно, ќе се дискутира за потребата од трансформација во образовните процеси, недостиг на кадри, младинска невработеност и работна миграција на младите во земјите од ЕУ, со особен фокус на адаптација на германскиот дуален високообразовен модел во нашата земја.

Целиот настан, односно панел дискусијата помеѓу учесниците/чките ќе се одвива со физичко присуство, а сите заинтересирани ќе можат да ја проследат преку онлајн платформите на Институтот Хајделберг. Повеќе информации во периодот што следи.