Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти, објави 360 степени.мк
Францускиот предлог предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во преамбулата
„360 степени“ дојде до т.н. француски предлог за следните чекори во пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија и ѝ го става на увид на македонската јавност. Всушност, станува збор за пакет од неколку документи, од кои два се најсуштествени – предлог-преговарачката рамка и предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за состанокот идната недела.
Првиот впечаток е дека станува збор за сет од документи во кои француското претседателство со ЕУ се обидело да направи баланс меѓу главните барања (црвените линии) на двете страни.
Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата преамбула.
Во однос на идентитетските прашања, во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти. Со оглед на тоа што преговарачката рамка е основата на која утре (по успешно завршување на пристапните преговори) ќе се драфтува пристапниот договор за идната членка на ЕУ – Северна Македонија, ова значи дека македонскиот јазик ќе биде еден од официјалните јазици на ЕУ.
Пакетот-документи предвидува дека кон заклучоците од првата меѓувладина конференција, Бугарија и Северна Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од тој состанок, без да влијаат на содржината на преговарачката рамка.
Во преговарачката рамка, во принципите според кои ќе се води пристапниот процес (општиот дел), се споменува и постигнувањето опипливи резултати и спроведување во добар дух на двата билатерални договори со соседите – Преспанскиот со Грција и оној за добрососедство со Бугарија. Во овој контекст се наведени и протоколи за спроведување на Договорот со Бугарија, со назнака дека нивното полно име ќе биде дополнително одредено, што наведува на заклучок дека до 23 јуни Софија и Скопје ќе треба да потпишат таков документ (протокол за спроведување на Договорот).
Делот од предлог-заклучоците од првата меѓувладина конференција во кој се наведени билатералните договори со Грција и со Бугарија
Во предлог-преговарачката рамка, во сегментот за процедурите на преговарање, пишува дека Северна Македонија ќе усвои акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.
Бугарија, во својата рамковна позиција од 2019 година, бараше воведување посебно преговарачко поглавје (поглавје 35) кое ќе ги опфати билатералните прашања на релација Софија-Скопје, но такво нешто нема во францускиот предлог. Тоа не значи и дека спроведувањето на Договорот и неговите протоколи нема да се следи во текот на пристапните преговори, пишува 360 степени.мк