Со ребалансот сериозно се кратат средства за непродуктивни трошоци во висина од 200 милиони евра, пари кои ќе се пренаменат за надминување на последиците од светската економска криза, вели Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Она што е важно во овој ребаланс, оценува Каевски, е тоа што секоја пренамена на средствата е во насока на поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и повеќе субвенции за земјоделците со цел зголемено производство на храна.
Ова, оценува тој, е одговорен, домаќински чекор во време кога целиот свет се соочува со недостиг на храна и енергенси.
„Заштитата и унапредувањето на стандардот на граѓаните е врвен приоритет за Владата предводена од СДСМ. И во време на светска економска криза успеавме минималната плата да ја зголемиме на 18.000 денари. Со Синдикатот се постигна договор за рекордно зголемување од 15 отсто на платите во образованието и детската заштита, а следува период на раст на платите во сите сектори согласно растот на минималната плата. Договорена е и нова методологија за постојан и одржлив раст на пензиите, а следното покачување ќе се реализира во септември оваа година. Просечната плата денес изнесува 31.080 денари што е реализација на клучното ветување на СДСМ за просечна плата од 500 евра“, појасни Каевски.
Според него, ова е показател дека македонската економија е стабилна и конкурентна и подготвена да се носи со сите предизвици.