23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Петровска во посета на припадниците на Армијата распоредени на јужната граница

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска ги посети припадниците на Армијата кои ги извршуваат своите работни задачи на јужната граница во поддршка на Министерството за внатрешни работи на караулата „Богородица“ – Гевгелија и во сместувачкиот капацитет во Богданци.

Како што информираат од ресорното министерство, за време на посетата министерката Петровска била брифирана за актуелната состојба на границата во однос на мигрантската криза и за ангажманот на нашите армиски припадници.

„Од страна на командирот на Здружениот оперативен штаб, поручник Бојана Филиповска беше потенцирано дека состојбата на јужната граница е стабилна и дека нашите припадници, деноноќно професионално и успешно ги извршуваат своите задачи, а при тоа имаат одлична соработка со припадниците на МВР.

Министерката Петровска им се заблагодари на припадниците на Армијата за нивната посветеност, професионалност и несебичната поддршка што ја пружаат на граѓаните секогаш кога за тоа се укажала потреба.

Таа им порача дека институциите надлежни за безбедноста на државата континуирано ја следат безбедносната состојба и состојбата со мигрантите во регионот и пошироко затоа што состојбата во секој момент може да се промени, а државата мора да биде подготвена да се справиме со секоја ситуација“, се наведува во соопштението за посетата.

Со одлука на Собранието, припадниците на Армијата се распоредени на јужната граница од 2015 година, во поддршка на Граничната полиција која е дел од МВР, со цел асистенција односно зајакнато обезбедување на границата преку спречување на нелегално и неконтролирано преминување на границата, и преку патролирање, извидување и набљудување.