24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски – Шаленберг: Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се сретна со Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа и надворешни работи на Австрија.

Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот била изразена силна поддршка од Австрија за развојот на нашата држава и за исчекор во евроинтеграциите.

„Посветени сме кон практикување европски вредности, нашето законодавство е 45 проценти веќе усогласено со европските регулативи, посветени сме на принципиелен развој на добрососедски односи и оправдано оценуваме дека Северна Македонија заслужува исчекор во евроинтеграциите“, рекол премиерот Ковачевски.

Заеднички било констатирано дека секоја држава треба да цели кон својот развој, но и кон развојот на своите соседи, бидејќи на тој начин е возможен вистински напредок на регионот.

Ковачевски ја истакнал како историски момент за нашата земја одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј и на Светиот синод на Вселенската патријаршија, со која, како што рекол, нашата Црква, МПЦ-ОА, по седумдецениска изолација, е признаена како канонска црква.

На состанокот било разговарано и за повеќе актуелни прашања поврзани со последиците од војната во Украина, како што се снабдувањето со енергенти и храна.