25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

„ДОСТА Е, ЕДЕН ДЕН ТРЕБА ДА СЕ СТАВИ ЦРТА“: Османи со став-Владата не може да се занимава само со едно прашање, БУГАРИЈА

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција соопшти дека можеби ова е единствената и последна шанса да се спасат односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што понатаму, како што рече, Владата ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија, но и целото општество да се посвети на едно прашање кое што троши и политичка енергија, но ги троши и граѓаните во постојаните циклуси на надежи и на фрустрации.

Министерот смета дека се должни да не ги изложат граѓаните на такви, како што кажа, бесконечни фрустрации и разочарувања и дека ќе треба еден ден да се стави црта, односно да се каже дека е доста.

„Дијалогот со Бугарија продолжува, се надаваме дека во наредниот период ќе има конкретни чекори, но едно е јасно и тоа им го кажуваме на сите – прво дека не е веќе прашање на Скопје и второ, дека можеби ова е единствената и последната шанса за да се спасат односите со Бугарија. Сметам дека понатаму ќе има сè помалку политичка енергија кај Владата па и целото општество да се посвети во решавање на ова прашање, кое толку троши и политички, но ги троши и граѓаните во овие континуирани процеси на надежи и фрустрации. Должни сме повеќе да не ги изложуваме граѓаните на такви бесконечни фрустрации и разочарување и еден ден треба да се стави црта, да се каже: Доста е! Не можеме како Влада повеќе да се занимаваме само со едно прашање, ќе мора да се фокусираме внатре, да продолжиме со реформите“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање за односите со Бугарија.

Министерот потенцираше дека ако и во јуни Бугарија не го тргне ветото, односите нема да бидат замрзнати, додавајќи дека Владата повеќе нема да биде насочена кон ова прашање, туку амбасадорката во Бугарија ќе биде таа што ќе ги води разговорите.

„Направивме сѐ што можеше и не можеше да се направи. До лето треба да продолжиме со максимални напори како ова да ќе успее. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност. А потоа да излеземе и да кажеме дека не можеме веќе граѓаните да ги малетретираме и да ги изложуваме на ваков процес, а притоа ги исполнуваме сите услови. Ние направивме сѐ и тоа го знаат сите наши партнери и тоа нас ни беше важно. Дали ќе успее ќе зависи од тоа што ќе одлучи Софија и што ќе одлучи ЕУ“, додаде Османи.