23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев за грчки „Ајидисис“: Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди

Поранешниот премиер Зоран Заев ќе учествува на третиот Конгрес на грчката опозициска партија СИРИЗА што ќе се одржи од 14 до 17 април, а непосредно пред патувањето во Атина, во интервју за грчкиот информативен портал „Ајидисис“ порачува дека Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди и го претвори проблемот во решение, конфликтот во соработка и непријателството во сојузништво.

Оценува дека соработката меѓу Северна Македонија и Грција е на прилично високо ниво. Коментира дека „има точки каде се соработува и напредува многу брзо, има и точки каде соработката е со умерено темпо“, истакнувајќи дека сепак, напредокот е очигледен и нема застој, нема назадување.

-Ги видовме премиерите Ковачевски и Мицотакис пред некој ден во Делфи на заедничка, конструктивна пријателска средба. Уверен сум дека граѓаните и политичките сили кои сакаат пријателство и соработка наместо изолација и конфликт се сериозно побројни и подоминантни во споредба со оние другите, и тоа во двете држави, истакнува Заев.

На прашањето за Договорот од Преспа, одговара со неколку прашања, „дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“

-Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди, истакнува Заев.

За одлуката да си поднесе оставка, објаснува дека „тоа беше сосема исправен и одговорен потег кој покажа и покажува што значи да се чуе гласот на народот и што значи и во најтешките моменти да се придонесува кон политичките вредности за кои се борел и се бори СДСМ“.

-Демократските, европските и вредностите на солидарноста мора да бидат на пиедесталот. И кога се соочувате со одлуката да изберете меѓу себе и вредностите за кои сте се бореле целиот ваш живот, тогаш одлуката мора да биде во корист на вредностите и во корист на зачувување и развој на се она што сте постигнале низ годините. Многумина ми рекоа дека во вакви ситуации најтешко е да се износиш со сопственото его. Јас, фала му на Бога, немав никаков предизвик да го сторам тоа, објаснува Заев.

Ја повторува неговата целосна поддршка за „тимот што ја води државата и партијата на патот на напредокот“ и вели дека останува посветен „на каузите за подобро демократско и отворено општество“, без притоа, како што вели, да мисли дека е најважен и најголем или дека мора да биде на функција.

-Не, општеството е поважно од мене и треба да е поважно од кој било политичар, истакнува поранешниот премиер.

Посочува дека иако е излезен од политичкото секојдневие, тоа не значи дека е „безгрижен или неодговорен кон својата држава, кон својот народ и својата партија“, додавајќи дека е достапен за сите.

Говорејќи за руската инвазија во Украина, порачува дека „војната мора да биде заменета со мир, а насилството со дијалог“, истакнува дека Украина и Европа веќе нема да се исти и го споменува Мариопол за пример.

-Светот веќе никогаш нема да гледа на руските власти на ист начин. Русија избра насилство и поради тоа предизвика лавина санкции од демократскиот свет. Не е добро да преземате дејства со кои го терате светот да се оградува од вас. Тоа е најлошото нешто што можете да му го направите на сопствениот народ. Горд сум што Северна Македонија е на страната на мирот, на сигурноста, на безбедноста, заедно со целиот демократски свет и особено заедно со НАТО. И сум горд што живеам во безбедна земја, држава која учествува во најмоќниот безбедносен штит и држава која е заштитена од најмоќниот сојуз во светот, истакнува поранешниот премиер во интервјуто за грчкиот портал.

Коментирајќи ја изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ во однос на десничарските партии, Заев вели дека „тоа што Вучиќ коментира со доза на алармантност по однос на извесен раст на крајно десните партии, а при тоа ги добива изборите, е добар показател дека Србија сепак има лидер кој нема да дозволи нов радикализам на Балканот“.

Додека пак за позицијата на левичарските и социјалдемократските партии во Европа, посочува дека не треба „така лесно да им пресудува на левичарите“, со оглед на тоа дека во многу европски земји биле или се на власт.

-Не очекувајте од социјалдемократите да станат режимски послушници и да почнат да креираат фарми со ботови кои шират лажни вести. Не, јас се противам на тоа. Но, ве уверувам дека може да очекувате консолидација на демократскиот блок, во што левичарите ќе имаат водечка улога. Очекувајте дијалог, но и одлуки и акции. Учиме од грешките и бидете сигурни дека левичарите нема да седат и да дискутираат бескрајно додека крајната десница ја загрозува безбедноста. Не, светот се промени, а особено регионот. Ние на Балканот денес добро знаеме дека мирот ни е многу скапоцен и дека нема да дозволиме некој туку така да го загрози, истакнува поранешниот премиер во интервјуто.