24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Истрага против три лица за злоупотреби при набавка на ендоскоп

По спроведена предистражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица. Врз основа на досегашните прибрани материјални и вербални докази постои основано сомнение дека првоосомничениот сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 вв ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик. Второосомничениот го поттикнувал при извршувањето на наведеното кривично дело, а сторил и кривично дело – Фалсификување службена исправа од чл.361 ст.2 вв ст.1, додека третоосомничената сторила кривично дело – Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.3 вв ст.1 од Кривичен законик.

Во текот на 2016 година првоосомничениот, како службено лице, во својство на директор на јавна здравствена установа во Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба, при вршење на јавна набавка прибавил за друг значителна имотна корист при што нанел штета на буџетот на установата. Тој, поттикнат од второосомничениот – управител на правно лице за набавка, продажба и сервисирање на медицинска опрема од Скопје, ги прекршил одредбите од Законот за здравствената заштита и Законот за јавните набавки. Изготвувајќи тендерска документација и технички спецификации спротивни на низата конкретни укажувања што биле предочени од Советот за јавни набавки во насока на заштита на конкуренцијата на пазарот, објавил оглас за јавна набавка на Ендоскопски систем со гастроскоп, електрохируршка единица и аргон плазма коагулација во еден неделив предмет, иако немало реална потреба за тоа и немал добиено согласност за користење на критериумите за утврдување на способност од страна на Советот за јавни набавки. На огласот според дефинираните технички спецификации била доставена само една прифатлива понуда и тоа од страна на економскиот оператор застапуван од страна на второсомничениот. Првоосомничениот знаел дека економскиот оператор не ги исполнува сите услови, па извршил измена на делот од тендерската документација и го избришал условот за учество во конкретната јавна набавка што не го поседувал пријавениот економски оператор. Со ваквите дејствија првоосомничениот овозможил понудата на економскиот оператор да биде избрана како најповолна понуда и склучил договор со второосомничениот за предметната јавна набавка со вкупна вредност од 6.115.468,00 денари. Со тоа, првоосомничениот прибавил значителна имотна корист во износ од 3.542.317,00 денари за правното лице, кој износ претставува позитивна разлика од продажната минус набавната вредност, со што нанел штета на Буџетот на установата во износ од 942.315,00 денари.

Второосомничениот како одговорно лице во правно лице, во текот на 2016 година, во службена исправа внел невистинити податоци, по што исправата ја употребил како да е вистинита и во име на правното лице, а со крајна намера да изврши продажба на медицинско средство – ендоскоп, доставил барање до Агенцијата за лекови и медицински средства за издавање на одобрение за увоз. Тој како управител потпишал и доставил изјава со која во име и за сметка на правното лице изјавил дека увозот на медицинското средство од производител од Р.Србија, купено за износ од 26.500,00 евра или 1.630.836,00 денари, се врши за краен корисник јавната здравствена установа што не соодветствувало со наводите во понудата по огласот каде бил наведен производител од Јапонија.

Врз основа на барањето поднесено од второосомничениот, третоосомничената во својство на службено лице во Агенцијата за лекови и медицински средства без да ги изврши потребните проверки и да ја побара потребната документација спротивно на одредбите од Законот за лекови и медицински средства во ЕХИМ системот изготвила и одобрила одобрение за увоз на медицинско средство чиј производител не е регистриран. Со дејствијата на несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности третоосомничената овозможила правното лице да изврши увоз и промет на медицинско средство и да прибави значителна имотна корист.