23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски од Софија: Одложувањето на проширувањето и преговорите со ЕУ создаваат нестабилност во регионот

Одложувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ, порача премиерот на заедничка прес-конференција во Софија со колегите од Бугарија, Романија и Црна Гора по состанокот на кој се разговарало за одговор на предизвиците од руската инвазија на Украина.

Премиерот Димитар Ковачевски од Софија порача дека одложувањето на процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ) веќе станува безбедноста политика и создава дополнителна нестабилност во регионот.

Пораката тој ја испрати по заедничкиот состанок со бугарскиот премиер Кирил Петков, како и премиерите на Романија – Николае Чука и на Црна Гора – Здравко Кривокапиќ, кои како шефови на влади на НАТО-земјите од Југоисточна Европа зборуваа за безбедносните стратегии во контекст на руската воена инвазија со ЕУ.

„Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедноста политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и со земјите од НАТО. Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина станува безбедносна политика и дека застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции, создава простор за влијание од трети страни. Одложувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ. Сепак, дури и со вакви предизвици Република Северна Македонија останува силно посветена на одржување на добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион“,

рече Ковачевски и додаде дека наша обврска е да останеме фокусирани на тие вредности и принципи во текот на нашето претстојно претседателство со ОБСЕ во 2023 година како и да го искористиме потенцијалот за подобро поврзување.
Нашата одговорност сега, порача тој, е да се соочиме со новата стратегиска реалност во европската и трансатлантската безбедност.

Ковачевски кажа и дека задно со тројца премиери испраќа силна поддршка за солидарност со Украина, но и дека ќе има зголемена координација за одговор на предизвиците и кризата.

„Состанокот е наш регионален придонес за посилна отпорност и координација во врска со последиците и заканите од војната во Украина. Оваа војна создаде нова реалност во сите сфери од нашиот живот, а особено во координацијата на сите напори во производството на храна, синџирите на набавка и нивна стабилизација, испораката и производство на енергија како и во полето на одбраната и воената координација“,

рече премиерот на заедничката прес-конфекција.