24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Со политиките на СДСМ растат платите, трудот на жените работнички го вреднуваме

Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, се обрати на завршниот семинар од седмата генерација на Школата за женски активизам во организација на Форумот на жени на партијата.

Ковачевски зборуваше за родова еднаквост, поддршка на жената, економска и политичка, како и женскиот активизам кој е важен дел од политиките на СДСМ.

„Денеска одбележуваме 2 години од членството во НАТО алијансата. Значењето на успехот во исполнувањето на стратешката определба на државата од денешна перспектива можеме многу подобро да го согледаме. За жал, периодов со воената агресија врз Украина и загрозувањето на нејзиниот суверенитет се покажа колку безбедноста и сигурноста на граѓаните може лесно да биде загрозена. Но, истовремено, тоа ни покажува колку е важно тоа што Северна Македонија е членка на НАТО. Благодарение на тој успех, денес нашите граѓани можат да бидат спокојни затоа што ја уживаме заштитата на НАТО Алијансата. А една од клучните институции кои активно партиципираат во практичната реализација на членството во НАТО е Министерството за одбрана. На чело на тоа министерство имаме жена – министерка. Тоа доволно говори за СДСМ но и за способноста на жената во нашето општество“ рече Ковачевски.

Ковачевски зборуваше и за политиките на Владата предводена од СДСМ за подобрување на животниот стандард на жените.

„Десетици илјадници жени – работнички со мерките и политиките на СДСМ добиваат повисоки месечни примања. Денес сведочиме на се повеќе успешни жени претприемачки, жени кои носат промени. СДСМ ја зголеми минималната плата за 100%, од 8.800 денари во време на ВМРО-ДПМНЕ на 18.000 денари. Трудот на работничките го цениме, го почитуваме и го вреднуваме особено на оние кои работат во трудоинтензивните дејности кои беа дискриминирани со години. Расте просечната плата, растат платите во сите сектори. Денес традоционално женските професии како наставничките, воспитувачките, негувателките, медицинските сестри земаат сериозно зголемени плати, а преку грантови и неповратни средства вложуваме во жените претприемачки и во жените кои решаваат да останат да работат во руралните краеви“, рече Ковачевски.

Сето ова е наш заеднички успех на кој треба да сме горди но истовремено треба да биде и дополнителен мотив за уште повеќе да работиме за поголема еднаквост меѓу мажите и жените во секој сегмент на општеството а особено во економскиот дел, заклучи претседателот Ковачевски во обраќањето пред учесницички на седмиот Семинар за женски активизам во организација на Форумот на жени на СДСМ.

На учесничките на овој Семинар, претседателот Ковачевски им додели и сертификати за успешно завршување на школата за женски активизам.