Македонскиот бизнисмен Орце Камчев попладнево во Основниот кривичен суд Скопје даваше одбрана во случајот „Плацови на Водно“, каде е обвинет и сведочеше за тоа кога тој и неговите фирми се вклучуваат во купувањето на атрактивното земјиште. Плацовите првично биле купени преку фирмата „Сирах инженринг“, која е фирма-ќерка на „Сирах лимитед“ од Белизе, а обвинителството тврди дека тоа се правело за да се скрие нивниот краен сопственик – експремиерот Никола Груевски, првообвинет во случајот.
Камчев во сведочењето соопшти дека за двете фирми слушнал дури во 2015 година, исто како и за земјиштето на Водно односно откако излегле написи во весниците и почнале да се објавуваат бомби.
„Во мојата канцеларија дојде Ненад Јосифовиќ, вработен како директор на правна служба кај мене, беше вознемирен и ми вика ’ова е фирма Сирах која е регистрирана на мое име, за која не сум ти кажал и која е предадена да прават бизнис зделки‘. Ми раскажа кои луѓе се инволвирани во таа почетна приказна, кој побарал, што правел, колку пари се платени. Реков добро, пробај да се откачиш од таа фирма зашто нема ништо поврзано со тебе. Ниту влез, ниту излез на пари. Месец време потоа ми се јави Сашо Мијалков и ми вика ’да го примиш Ристе на кафе‘. Ристе Новачевски дојде кај мене, се знаеме, заедно сме учеле во средно школо. Ми кажа дека го праќа Никола Груевски да се видиме во врска со земјиште во сопственост на фирмата каде што Ристе бил директор, а сопственик на истата е Ненад Јосифоиќ“, ја опиша Камчев, зделката за плацевите на Водно.
Тој тврдеше дека со Груевски во тој период немал контакти туку неговата сестра Кристина Камчева е таа која контактирала приватно со тогашниот премиер.
„Во тие денови ми кажа дека за земјиштето што го поседува ‘Сирах’, Груевски ја прашал дали може да го купиме. Размисливме што да правиме, познавајќи го и неговиот карактер на одмаздољубивост, одлучивме да го купиме земјиштето“, рече бизнисменот.
Потоа, преку сестра му, Камчев вели дека добиле порака од Груевски дека сака да се задржи една парцела, а бил потпишан и договор со кој преку „Орка Холдинг“ ќе ја купи фирмата „Сирах“ во чија сопственост биле плацовите. Меѓутоа, според тврдењето на Камчев, тогашниот премиер се откажал комплетно од целото земјиште и решил да го продаде целосно, а за возврат побарал адекватни станови. Било договорено, како компензација, експремиерот да добие три стана со вкупно 750 квадрати, кои Камчев ги нарече „ексклузивни станови“.
Бизнисменот не ги негираше направените трансакции од „Орка Холдингот“ во врска со купувањето на уделот во „Сирах“, алудирајќи со тоа дека се е легално направено како што било договорено и тврдеше дека не сакал да ја крие сопственоста на Груевски врз договорените три стана. За таа цел, на негово барање, според Камчев, експремиерот обезбедил фирма која ќе биде соизведувач во зградата што требало да се гради со ексклузивните станови.
„Фирмата која тој ја договори беше договорено потоа да го врати уделот, а за истиот да земе надомест 750 квадрати станови кога ќе се издадат имотни листови“,
рече Камчев додавајќи дека имотните листови се издадени во 2020 година.
На прашањето што се случува сега со тие три стана, Камчев рече дека исто како што било и со фирмата „Сирах инженеринг„ каде сопственик и управител само на хартија биле Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски, така и овој имот има нереален сопственик, а тоа е Мето Стојчевски.
По ваквиот исказ кој бизнисменот го даде одговарајќи на прашања на неговите адвокати, обвинителката Лиле Стефанова праша и дали во моментов тој е спремен да му посочите на судот точна локација на становите дадени во замена за земјиштето, а Камчев одговори:
„Да, во зградата Панорама резиденс, три апартмани во квадратура од 750 метри квадрати кои не се под залог или под хипотека, се чуваат за примопредавање“.
„Овие станови ги чува Мето Стојчевски и се за Никола Груевски“, праша уште еднаш обвинителката.
„Знам дека ги чува Мето Стојчевски и дека ги чува за Никола Груевски. Тоа е она што го знам“, рече Камчев.