23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски: Инвестираме во современа патна инфраструктура

Премиерот Димитар Ковачевски со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид во изградба на експресен пат Градско – Прилеп, на втора фаза на потегот Фариш –Дреново.

„Една од поважните меѓународни рути која што поминува низ земјата и го поврзува регионот со останатиот дел на Европа е Коридорот 10 и токму затоа денеска со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП Рустеми извршивме увид во градежните работи на делницата Дреново – Фариш.

За изградба на втората делница од Дреново до Фариш, која е со должина од 10,2 км, издвоени се 33,6 милиони евра со поддршка на Европската банка за обнова и развој.

Изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп е поделена на три делници: Првата делница е Градско – Дреново каде што исто така се одвиваат градежни работи. Втората делница е Дреново – Фариш каде што сме денеска на увид. Третата делница е проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до Каменолом Маврово, за што е во тек подготовка на тендерска постапка.

Во овој наш регион продолжуваме со повеќе проекти. Еден од нив и многу значаен ќе биде изградбата на автопатот Прилеп–Битола, кој треба да го гради Конзорциумот „Бехтел и Енка“. Впрочем, овој експресен пат Градско – Прилеп ќе се надоврзе на автопатот Прилеп – Битола, а со рехабилитацијата на магистралниот пат Битола – граничен премин ќе се поврземе брзо и безбедно со Република Грција”, истакна Ковачевски.

Ковачевски додаде дека инвестициите во патната инфраструктура се еден од приоритетите на оваа Влада. Наша цел е Северна Македонија да продолжи да се гради и поврзува со квалитетна, безбедна и модерна патна инфраструктура. Од почетокот на мандатот, оваа Влада изгради и реконструираше над 1.000 км патишта. Со сите инвестиции, граѓаните патуваат полесно и побезбедно, а компаниите побрзо и поефикасно ги транспортираат своите производи и придонесуваат во економскиот развој на земјата.