25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Николовски: Интервентниот фонд ќе се проширува со нови мерки, подготвен е план со мерки за зголемено производство на пченица

Се прави план за проширување на Програмата за интервентен фонд со нови мерки, со цел да се опфатат и другите земјоделски сектори на кој им е потребна помош во оваа светска криза, изјави министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во вечерашната емисија Топ Тема на Телма.

„Сите барања на земјоделците ќе бидат земени предвид. Се планира проширување на интервентниот фонд со дополнителни мерки за говедарство, живинарство и за други земјоделски гранки кадешто е потребна помош. Субвенциите за трите мерки за набавка на вештачки ѓубрива, за предадени јагниња и гоеници во кланични капацитети ќе бидат исплатени до 30-ти јуни годинава. Ги следиме состојбите и навремено ги преземаме сите потребни мерки за земјоделците да имаат помали трошоци, одржливо производство, да има стабилност на пазарот на храна“, рече министерот Николовски.

При тоа, министерот Николовски посочи дека веќе е подготвен план со мерки на среден и на долг рок за зголемување на домашното производство на пченица.

„Доколку го зголемиме производството за 500 килограми по хектар, тоа се 30 илјади тони годишно и целта ни е на долг рок да станеме увозно независни. Имаме пораст на домашното производство од 195.000 тони во 2017 година на 253.000 тони минатата година, со што значително се намалува увозот на пченица. И оваа оваа година во планот за есенската сеидба немаме намалување на заесенаите површини со пченица. Проценките на коморите се дека е потребен увоз на околу 50 илјади тони пченица до жетвата за два месеца и тие ќе бидат обезбедени. Очекуваме производството да биде околу 255 илјади тони, а потребите се околу 300 илјади, со што повторно се намалува делот што го увезуваме“ рече Николовски.

Министерот Николовски изјави дека секоја педа земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција на зголемување на домашното производство на житарици. Дополнително, со цел да се излезе во пресрет на земјоделците, следната недела Платежната агенција ќе ги исплати субвенциите за поледелски култури.
Во однос на пласманот на земјоделските производи, министерот Николовски посочи дека се мобилизирани сите сектори во министерството но и дипломатско конзуларните претставништва, со кои денеска имаше состанок и беше разговарано за изнаоѓање на алтернативни пазари за производите што се извезуваат во Украина и Русија, но и за набавка на вештачки ѓубрива.