Собранието ги усвои потребните законски измени за акцизите и за ДДВ, кои ги предложи Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски, со што се исполнети правните услови за реализација на владините антикризни мерки, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека со сетот од 26 антикризни мерки вредни 400 милиони евра го штитат стандардот на граѓаните, а ги помагаат и компаниите, стопанството.
Го укинуваме ДДВ за основните производи храна. Со оваа мерка се опфатени лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот. Ги укинуваме царинските давачки за увоз на основните прехранбени производи. Ја намаливме и акцизата за горивата и го намалуваме ДДВ за енергенси од 18 на 10%, се вели во соопштението.
Ги субвенционираме граѓаните за електрична енергија, ги поддржуваме ранливите категории на граѓани за струја и купување основни производи, а преку низа мерки ги одржуваме цените на основните производи стабилни.
Обезбедивме мерки и за заштита на ликвидноста на компаниите и финансиска поддршка на стопанството.
Дополнително, досега ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, обезбедивме помош од 3.000 денари за пензионерите и рекордно ги зголемивме пензиите.
СДСМ како одговорна партија и во време на најголема криза парите ги насочува онау каде што се најпотребни, кон заштита на стандардот на граѓаните и економијата, се вели во соопштението од СДСМ.