23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Украинската криза покажа дека соседните земји треба да соработуваат и да градат пријателство

„Кризата во Украина потврди дека во вакви услови соседните земји треба да имаат одлична соработка. Само низ соработка може да си помагаат и да ги пребродат кризите. Тие треба да градат мостови на пријателства“ рече премиерот Димитар Ковачевски во „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека со Бугарија е започнат процес на комуникација и соработка и дека по двете владини средби започна работата на комисиите во полето на економијата, инфраструктурата, иновациите, транспорт, образование и наука, култура и евроинтеграции.

„Треба да се врати довербата меѓу двете општества која во минатото беше нарушена, бидејќи медиумскиот простор и перцепцијата беа под влијание на пропагандисти кои не сакаа решение и нормална комуникација меѓу двете земји“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека работните групи активно функционираат, како и комисиите во Министерствата за надворешни работи кои ги дискутираат политичките прашања.

„Комуникацијата на министерствата за надворешни работи се одвива низ работни средби. Тие ги дискутираат политичките прашања кои треба да се решат во пакет, по што ќе се крене ветото и ќе отпочнат преговорите со одржување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ“ рече Ковачевски.

Тој додаде дека министерот за надворешни работи редовно брифира за активнистите на министерствата и дека кога ќе има одреден прифатлив договор за двете страни, тој ќе биде соопштен на јавноста и ќе биде изгласан низ институциите на државата.