23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Отворени сме да ѝ помогнеме на Украина, за санкции кон Русија дополнително ќе одлучиме, велат од Владата

Владата ќе понуди помош во случај на ескалација во Украина, иако сите напори се во насока тоа да не се случи, рекоа денеска владините портпароли Муамет Хоџа и Душко Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање дали и колку нашата земја може да прими бегалци од Украина доколку дојде до нов миграциски бран.

Тие најавија дека во оваа насока ќе биде и денешниот телефонски разговор, кој премиерот Димитар Ковачевски ќе го има со својот колега, претседателот на украинската влада, Денис Шмигаљ.

„Владата ќе направи проценка во врска со видот на помошта што ќе ја понудиме како држава“, посочија портпаролите.

На прашање за тоа дали нашата држава ќе се приклучи на санкциите кон Русија, кои ги подготвија ЕУ и САД, портпаролите го изнесоа ставот дека Северна Македонија е на линија за постигнување на 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

„Во однос на пакетот санкции на Унијата којшто се најавува, Владата дополнително ќе расправа и ќе одлучи, за што јавноста ќе биде информирана“, беше речено на прес-конференцијата.

На вчерашната владина седница МНР беше задолжено, во координација со надлежните институции, да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на македонските членови при специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.

„Во моментот, нашите набљудувачи, кои се околу 30-тина, се безбедни и ги извршуваат своите редовни обврски и во случај на дополнително влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност“, рекоа портпаролите.

Во однос на нашите државјани, македонската амбасада во Киев има евидентирано бројка од 100-тина кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина и од нив заклучно со вчера, се вратиле 13.