24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Лазаревскa: Со СДСМ растат платите, поголема минимална плата за помош на работниците

Она што како СДСМ и владејачка партија го правиме најдобро е континуирано подигање на платите, минималната и просечната, а со тоа и подобрување на животот на граѓаните. Ветивме дека ќе има раст на минималната, но и на сите плати и тоа во последните 4,5 години навистина го покажуваме на дело, истакна пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.

Таа потсети дека СДСМ во 2017 година кога дојде на власт донесе измени на законот за минимална плата, кој беше дискриминирачки, направи социјална неправда и голема поделба на богати и сиромашни, посебно на најранливите.

Додека едни земаа 10.080 денари, помногубројни беа оние, особено вработените во текстилната, кожарска и чевларската дејност, кои земаа 8.900 денари, првиот предизвик беше да се изедначи минималната плата за сите дејности и во ј2017 година ја зголемивме на 12.000 за сите во сите сектори, истакна Лазаревска, додавајќи дека во 2018/19 година, минималната плата е покачена на 14.500, а во моментов според постоечките критериуми изнесува 15.194 денари.

Таа од собраниската говорница на расправата за законот за минимална плата, нагласи дека законот за минимална плата произлезе по договор меѓу синдикатите, работодавачите и владата.

Лазаревска нагласи дека предложениот закон за минимална плата прави пореално отсликување на животните потреби и минималната плата ќе се усогласува со 50% од годишен раст на просечната плата и 50% со раст на трошоците за живот според податоците од државниот завод за статистика.

Важен критериум кој нема да дозволи диспропорција е третиот критериум за минималната плата, според кој таа не смее да биде помала од 57 отсто од просечната плата, нагласи Лазаревска, додавајќи дека усогласувањето ќе почне да важи со мартовската плата.

Таа наведе дека овој закон ја уредува и финансиската помош за исплата и контрола во остварување на финансиска помош за работодавачите, критериумите како фирмите да користат субвенции, од 1.197 денари и ги обврзуваат фирмите да не ги испуштаат работниците за кои зеле субвенција најмалку 1 година.

Не гледам пречка на колегите од опозиција, зошто не сме прифатиле нивни амандмани, бидејќи со нив сакаат директно да извршат упад во матичните закони по сектори и во колективните договори, а претставуваа и суспензија на социјалниот дијалог, истакна Лазаревска.

Навистина овој закон е одличен текст со кој ќе ги помогнеме на најранливите категории, работниците, оние кои земаат минимална плата но тоа ќе влијае и на другите работници и ќе предизвика спирален раст на платите, порача пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.