23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Северна Македонија има едногласна и моќна поддршка меѓу нашите сојузници

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, покрај учеството во активностите на официјалната програма на Минхенската безбедносна конференција, на маргините на настанот на кој учествуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, како и голем број министри и претставници на меѓународни организации и мултилатерални асоцијации, се сретна и размени мислења со повеќе високи претставници на земјите учеснички на конференцијата.

Премиерот Ковачевски, заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија имаше срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен за време на обраќањето на Потпретседателката на САД, Камала Харис.

Во разговорот државниот секретар Блинкен ја изрази својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја сподели својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ. Блинкен истакна дека САД останува наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците.

На конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски се сретна и со премиерот на Обединетото Кралство, со кој заеднички оценија дека сојузништвото во НАТО е силен влог за безбедноста и стабилноста на Европа.

За време на средбата премиерот Џонсон рече дека како наш стратешки партнер во евроинтеграциските процеси, Обединетото Кралство ќе продолжи со силна меѓународна поддршка и му честиташе на премиерот Ковачевски за сите заложби на Владата на Северна Македонија за спроведување конструктивен дијалог со Софија кој ќе ни овозможи исполнување на нашите стратешки цели за интеграција во ЕУ.

Претседателот на Владата Ковачевски на Минхенската безбедносна конференција се сретна со претставничката на Мичиген во конгресот на САД Елиса Слоткин.

Како голем пријател на Северна Македонија, конгресменката Слоткин минатата година со задоволство прифати да се приклучи конгресната група за пријателство со Северна Македонија, кое дојде после нејзината исклучителна активност за членството на нашата земја во НАТО.

На средбата со премиерот Ковачевски, Слоткин истакна дека останува силен глас во поддршката за нашата земја во заедничките мисии за мир и безбедност со САД како сојузници во НАТО.

За одличната соработка со Баварија која ја имаме преку заедничката, меѓувладина комисија, на конференцијата во Минхен, премиерот Ковачевски разговараше со државната министерка за европски прашања и меѓународни односи на Баварија, Мелани Хумл.

Во фокусот на разговорот беше зајакнувањето на економската соработка со поврзување на стопанските комори и за соработка во други области, како и подготвеноста на Баварија да помогне во реформите на правосудството, борбата против корупцијата и во неопходната помош на нашиот пат кон ЕУ.

Премиерот Ковачевски во Минхен се сретна и со генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.

Во разговорот со Брегу, Ковачевски нагласи дека Северна Македонија останува посветена на регионалната соработка и на реализација на сите иницијативи и процеси во рамките на Берлинскиот процес, и дека иницијативата „Отворен Балкан“, како нов импулс е комплементарна на овие процеси и дополнително ја мотивира регионалната соработка.