Откако ВМРО ДПМНЕ вчера правеше хаос во Собранието, кога требаше да се расправа за Законот за наставници, кој не само што ќе го реши статусот на повеќе речиси 5000 вработени, туку е важен и за повеќе од 27.000 наставници, од СОНК ги повикаа сите наставници коишто немаат решен работен статус да им се придружат во синдикалната борба.
– За жал продолжуваат политичките игри и натегањата меѓу политичките партии во Собранието на штета на наставниците.
Се прават популарни ветувања за помали и поголеми зголемувања, но на крајот на денот наместо да се најде заеднички јазик наставниците не добиваат ништо.
Но не станува збор само за зголемувањето на платата, сегашната верзија на Законот за наставници и стручни соработници значи и сигурност на работните места за над 4700 наши колеги.
Наставниците коишто немаат решен работен статус се лесна мета за партиските каравани, што го руши достоинството на професијата. Тоа мора да престане.
Нема да дозволиме наставниците, нивното достоинство и нивната егзистенција да бидат жртва на политичките игри.
Ги повикуваме сите наставници коишто немаат решен работен статус да ни се придружат во синдикалната борба и со граѓанска непослушност да го блокираме влезот во собранискиот паркинг, порачаа од СОНК.
Инаку за потсетување вчера пратеници на ВМРО ДПМНЕ се заканувале со физичка пресметка и насилство во парламентот доколку продолжи расправата за овој Закон.