23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Професорот Треновски за ДВ: ЗЕЛС мора да излезе со план и програма за штедење

Експертите велат дека општините, место да се закануваат со радикални чекори, треба да изготват план за штедење и да почнат да ги собираат даноците, пренесе денеска Дојче веле.

Долгови, неплатени сметки за струја, камати, но и превработеност, долги списоци на ангажирани со договори на дело, високи хонорари, скапи телефони, нови возила, а и редица луксузирања. Сите овие „ситни гревови“ им се ставаат на сметка на општините, која секоја година станува се подебела, како што тонат во долгови и неподмирени обврски. Општините бараат финансиска инјекција од државата за да можат послободно да дишат. Но, експертите не отстапуваат од ставот дека државата треба да ги дисциплинира оние коишто работат недомаќински.

„Освен дајте пари – не слушнавме нешто друго од општините“, вели универзитетскиот професор Борче Треновски за ДВ. Тој смета дека државата треба да им помогне на општините кои кубурат со средства, но пред се е неопходно тие да се дисциплинираат и да ги рационализираат трошоците во услови на енергетска криза.

„ЗЕЛС мора да излезе со план и програма за штедење, која ќе овозможи да се види која од општините може да се справи со трошоците, а на која ќе и биде неопходна финансиска помош. Бидејќи факт е дека 40% од руралните општини не ќе можат да го подмират трошоците, поради малите буџети со кои располагаат“, вели Треновски за Дојче веле.