23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ефикасноста на дело, реализирани одлуките за енергетската криза, минималната плата и училишната година

Уште во првите денови од мандатот, оваа Влада покажа ефикасност на дело и спроведе конкретни чекори што значат надминување на предизвиците од актуелните кризи, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за емисијата „200“ на Телевизија Алсат.

“И во моето експозе кажав дека јас не барам ниту грејс период ниту 100 дена и ако видите уште првиот ден имавме две седници на влада каде на првата донесовме одлука за преземање на управувањето со БЕГ и заради таа одлука имаме сега непречено снабдување со топлинска енергија во Скопје. Потоа на втората седница донесовме одлуки за справување со енергетската криза и трето, одржавме кризен штаб на кој што донесовме одлуки во однос на отпочнувањето на школската година. Гледате дека сите три одлуки беа донесени и спроведени“ истакна Ковачевски.

Претседателот Ковачевски посочи дека оваа Влада својот легитимитет го црпи од резултатите на изборите од 2020 година и дека она што е значајно во однос на функционирањето на владата, е дека таа се заснова на програмски принципи и сите заложби на коалиционите партнери се вградени во програмата.