27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски-Мецола: Поддршката на ЕП значајна за проширувањето на земјите од Западен Балкан

Премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Ковачевски ѝ го честиташе изборот на Роберта Мецола за претседателка на Европскиот парламент и изрази благодарност за континуираниот ангажман и подготвеност на Европскиот парламент во поддршката на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан да напредуваат во процесот на интеграција во ЕУ.

Тој како особено значајна ја наведе плодната соработка на Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на дијалогот Жан Моне, преку дискусиите на Мешовитиот парламентарен комитет, како и посветената работа на пратениците на ЕП за напредокот на земјата во остварувањето на стандардите во процесот за пристапување во членство во ЕУ.

За време на разговорот во Европскиот парламент, Ковачевски ја запозна претседателката на ЕП со силно изразената подготвеност на Владите во Скопје и Софија да ги удвојат напорите за подобрување на меѓусебните односи со јасни намери да го забрзаат процесот за одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ.

На средбата беше истакнат напредокот во реформите во судството и владеењето на правото препознаени и во последниот извештај на Европската Комисија, и беше нагласено дека Северна Македонија продолжува со силна политичка посветеност да ги имплементира позитивните препораки на Европскиот парламент за имплементација на реформите за да се заокружи стратешкиот проект за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.