Австриската влада објави пакет-помош за граѓаните погодени од наглиот раст на цените на енергијата придружувајќи им се на голем број европски земји што се обидуваат да го ублажат ударот врз буџетот на домаќинствата.
Речиси сите домаќинства во Австрија ќе добијат еднократна парична помош од 150 евра, изјави канцеларот Карл Нехамер.
Двојно поголема сума ќе добијат приближно 750.000 граѓани, кои спаѓаат во категоријата особено ранливи.
Дополнително, државата одлучи да го суспендира паушалот за зелена струја годинава, со што на секое домаќинство ќе му заштеди по 100-ина евра, а на просечната трговска компанија околу 67.000 евра, соопшти Владата.
Пакет-помош од 1,7 милијарда евра е наменет за спречување кризи, рече министерот за финансии, Магнус Брунер.
Во Австрија, како и во многу други земји, цената на енергијата драстично порасна во последните месеци.
Во декември трошоците за енергија беа 24 отсто повисоки во однос на истиот месец претходната година. Нафтата за греење поскапе 44 отсто, а бензинот 31 отсто, потсетуваат агенциите.