24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски: со длабока почит се приклучувам на иницијативата на Европската еврејска заедница по повод Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот

Фејсбук статус на Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи:

Оние кои не учат од историјата се осудени да ги повторуваат грешките. Затоа денеска, како ден за паметење, за учење од минатото кое ќе нѐ одржи будни и претпазливи за да не ни се повтори злото, со длабока почит се приклучувам на иницијативата на Европската еврејска заедница по повод Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите од холокаустот.
Со палење на оваа меморијална свеќа во работните простории во Кабинетот на Министерството за внатрешни работи, оддавам почит на сите оние што беа убиени само поради тоа што се. Но нејзиниот пламен нека го осветли минатото за да нѐ потсети на најголемата трагедија на човековото постоење, на оние кои претрпеа геноцид, но и во чест на преживеаните чии животи беа променети до непрепознатливост. Да застанеме цврсто против предрасудите и омразата во светот денес.

27 јануари е прогласен за Меѓународен ден на холокаустот од страна на ООН, како датум на кој пред 77 години беше ослободен нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц. Под годинешното мото „Спомен, достинство и правда“, целта е преку заштита на историските записи, сеќавањата на жртвите и спротивставување на обидите за искривување на историјата, како критични аспекти на барањето правда за жртвите на холокаустот, да ја изразиме заеднички нашата грижа за нивните права, за враќање на нивното културно наследство и традиции и на нивното достоинство.
Но, ќе потсети и на улогата што ја имаат институциите и поединците во поддршката на преживеаните, за долгогодишното влијание на холокаустот врз обликувањето на политиките за човековите права и слободи, за борба против антисемитизмот и расизмот, за глобална акција против говорот на омраза.
Пламенот на оваа меморијална свеќа симболично нека ја пренесе пораката дека солидарноста, сочувството, толеранцијата и хуманоста се највисоките идеали кон кои човештвото тежнее.