Иницијативата „Отворен Балкан“ во која во моментов членуваат Северна Македонија, Албанија и Србија се најде во владината програма на мандатарот Димитар Ковачевски како можност за зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра.
Оваа иницијатива, која не е алтернатива на ЕУ, туку начин за побрзо и подготвено пристапување во Унијата има цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, како и да донесе конкретни придобивки за граѓаните и за бизнисите.
„Отворен Балкан“ води кон бришење на границите како административни бариери и ги овозможува четирите европски слободи за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.
Во програмата на Ковачевски се наведува дека следува интензивирање на соработката меѓу агенциите за туризам од трите држави, со цел утврдување на заедничка понуда кон светските пазари, со што „Отворен Балкан“ ќе се промовира како атрактивна дестинација.
Трите влади се обврзаа и дека ќе се интензивираат контактите, познанствата, размените и заедничките иницијативи меѓу младите од нашите држави преку организација на настани. Од заеднички летувања, преку спортски турнири и културни настани до научно – истражувачки хабови.