23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.

ФИТР: Позитивните резултати на поддржаните компании се потврда за ефективното работење на Фондот

Фондот за иновации и технолошки развој ги претстави резултатите од анализата на перформансот на сите компании поддржани, односно ко-финансирани од ФИТР. Компаративната анализа изработена од просечните вредности на финансиските индикатори на ниво на компанија, пред и по извршената инвестиција во иновативниот проект покажува позитивен тренд, односно кумулативен раст на приходите, позитивни резултати на компаниите и за време на кризата, но и раст на приходите за државната каса.

„Горди сме на она што како водечка владина институција за поддршка на стартапи и иновативни компании во Република Северна Македонија го правиме за подобрување на пристапот до финансиска поддршка за компаниите, поддржувајќи и поттикнувајќи ја иновациската дејност. Позитивните резултати од анализата на перформансот на целото портфолио компании ко-финансирани од ФИТР се уште една потврда за посветеноста и вложувањето кои ги правиме за унапредување на конкурентната економија заснована на знаење во земјава. Овие резултати се и добар индикатор за тоа како можеме да ја зголемиме ефективноста и ефикасноста во искористувањето на средствата и ко-финансирањето на Фондот од што пак најголем бенефит ќе имаат македонските иновативни компании“, рече Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, додавајќи дека препораките и идните насоки за финансирање се особено важни бидејќи Фондот располага со ограничени средства и најважно е истите да се насочат во сектори кадешто можат да се постигнат највисоки перформанси со дополнително финансирање, односно најголем број на вработувања, солидни расходи за вработените и високи приходи за државата во вид на даноци за да се овозможи понатамошно финансирање на нови проекти.

Според податоците, секторите со најдобар перформанс се оние кај кои човечкиот фактор има најголемо значење, односно ИТ секторот со вредност од 21,27 милиони евра и вкупни 171 ко-финансиран проект и “Start-Up/Spin-Off” со вкупна вредност од над 6 милиони евра, просечни приходи кои бележат пораст од 197 отсто, раст на добивка од 105 отсто и 119 отсто зголемување на бројот на вработени.

На ниво на портфолио, компаниите поддржани од ФИТР во периодот од 2017 до 2020 оствариле кумулативен пораст на приходите од 50 отсто, додека кумулативниот пораст на профитот на целото портфолио изнесува високи 75 отсто. За односниот период, порастот на вработени е 44 отсто, при што компаниите кои се поддржани од ФИТР во 2020 година вработуваат вкупно 8439 вработени. Она што се истакнува е кумулативниот пораст на просечната нето плата од 9 отсто, при што износот на просечна нето плата во 2020 година изнесува 516 евра, износ кој го надминува државниот просек.

Од анализата може да се забележи и дека портфолиото на компании финансирани од ФИТР оствариле позитивни резултати односно пораст во кризната 2020-та во споредба со 2019-та година и падот на БДП. Само во кризната година, приходите имаат пораст од 8 отсто, а  добивката од дури 21 отсто. Всушност, кризата придонела за оптимизирање на поголем број процеси во компаниите и бизнис моделите кое пак директно влијаеле на профитабилноста и нејзиното зголемување. Забележливо е дека компаниите ги зголемиле и бројот на вработени за 3 проценти со паралелно зголемување на платите од 5 отсто бидејќи просечната месечна нето-плата по вработен бележи пораст од 491 на 516 евра.

Инаку, вкупната вредност на сите 669 проекти финансирани од Фондот до јуни 2021 изнесува вкупно 88 милиони евра, од кои 55 отсто биле ко-финансирани од Фондот, а 44 отсто од самите компании, со просечна вредност по проект од над 132 илјади евра. Во истиот период, бројот на нови работни места во компаниите од портфолиото е зголемен за преку 2500, а буџетските расходи на компаниите, односно приходите за државниот буџет во вид на даноци на добивка, персонален данок и придонеси за вработените изнесуваат дури 26 милиони евра.

Дел од препораките на Фондот е и креирањето програми за обука и едукација на компании кои немаат добиено или немаат потреба од финансиска поддршка ФИТР за истражување и развој, бидејќи значително ниското инвестирање во истражување и развој во Северна Македонија е показател дека е потребно општо подобрување на домашната економија во овој поглед, кај компании кои имаат капацитет, а не го искористуваат за иновативни решенија. Дополнително, според ФИТР, од круцијална важност се и обуките и консултативните сесии на претприемачите за воспоставување на нов бизнис, што ќе ја зголеми веројатноста за успех и остварување на подобри финансиски резултати за пократок временски интервал.

На следниот линк е комплетната анализа https://fitr.mk/