„Денеска, со посебно задоволство можам да истакнам дека изминативе години ги одбележивме со прилично динамични и интензивни реформски зафати во МВР, и тоа без исклучок, во сите сфери од неговото функционирање. Несомнено станува збор за еден процес кој во континуитет се надоградува и надополнува, чии постигнати резултати во голема мерка се должат токму на нашето партнерство, постојаната стручна, техничка и друга помош што ја добиваме од нашите пријатели – САД“, истакна министерот Спасовски на денешната церемонија по повод пуштањето во употреба на реновираниот објект на Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, на која учествуваше и амбасадорката на САД, Н.Е. Кеј Мари Брнз.
На настанот присуствуваа и заменик министерот Буши, директорот на БЈБ Тасевски, заменик директорот Асани, началникот на ОСПО Трајановски и командантите на специјалните единици.
Оваа важна донација од Европската команда на Армијата на САД, во вредност од околу 475 илјади американски долари е реализирана преку ИЦИТАП програмата, Меѓународна програма за поддршка во обука во доменот на кривични истраги при Владата на САД, а добиена преку Амбасадата на САД во Република Северна Македонија. Со неа Специјалните полициски единици во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ добија реновиран модерен објект за сместување на полициски службеници од нашата држава, но и од целиот регион, кои учествуваат во обуки и вежби за организирана борба против недозволената трговија со наркотици.
„Со овој проект Полицискиот центар ‘Ѓорче Петров’, кој е и оперативен штаб на Единицата за брзо распоредување при БЈБ, ќе има дополнителен инпут и во зголемувањето на полициската интероперабилност во регионот, бидејќи овие професионалци од повеќе земји – Албанија, Србија, Хрватска, Косово, БиХ, Бугарија, Грција – работат заедно во борбата за сузбивање на меѓународните криминални групи инволвирани во трговијата со наркотици, што ги преминува границите на една земја и влијае врз поширокиот регион“, подвлече Спасовски, упатувајќи благодарност до ИЦИТАП програмата при Амбасадата на САД во земјава, кои како партнер и силен поддржувач, изминативе години несебично инвестираа во осовременување на капацитетите на МВР, преку бројни донации во разновидна техничка помош, но и во стручна, професионална и техничка едукација и обука на полициските службеници од повеќе организациони единици.
Притоа, секој од двата ката кои ги користат припадниците на МВР располага со по 9 простории за сместување/соби, со различен капацитет, како и чајна кујна со простор за слободни активности, согласно најсовремените стандарди за сместување. Опремувањето на просторот ќе биде реализирано од страна на МВР, како дел од континуираните активности за подобрување на условите за работа на полицијата.
„Затоа би сакал уште еднаш во свое и во име на МВР да ѝ се заблагодарам лично на амбасадорката на САД, Мари Брнз, на нашите докажани пријатели – Владата на САД и Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, кои во духот на претпразничните дарувања ни го овозможија овој современ полициски дом, а уште повеќе за нивното цврсто и доследно партнерство во процесот на реформирање и развој на полицијата, како еден од клучните сегменти во унапредувањето на националната, но и регионалната и глобалната безбедност“, рече министерот Спасовски.
За амбасадорката Брнз овој модерен објект ќе значи поддршка за интерните обуки на специјалните единици во државата, но ќе придонесе и за продлабочување на регионалната соработка со соседните и партнерските држави на Балканот. Таа потсети дека Специјалната антитерористичка единица веќе заврши интензивна и ригорозна специјалистичка обука во Германија заедно со специјалните единици на САД, со цел подготовка за урбани операции во најтешките и најсложени мисии, при што на полициските службеници кои учествуваа на обуката им додели сертификати.
„Северна Македонија продолжува да биде модел на стабилност и владеење на правото во регионот, а особено овој полициски центар ќе помогне да се зајакне регионалната посветеност кон владеењето на правото, како место каде се обучуваат и тренираат полициски службеници од сите соседни земји. Не постои начин индивидуално да ги победиме транснационалните закани како што се трговијата со наркотици и тероризмот. Меѓутоа, ако останеме обединети и се зближуваме, уверена сум дека ќе продолжиме да промовираме стабилност, просперитет и мир во регионот“, порача амбасадорката Брнз.