23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СЗО додели ИТ опрема со цел зајакнување на управувањето со вакцините во Северна Македонија

Денес, СЗО во Северна Македонија му додели опрема за информатичка технологија на Министерството за здравство како поддршка за дигитализација на процесот на имунизација и подобрување на техничката инфраструктура на сите вакцинални пунктови низ државата, како дел од тековните напори за борба против пандемијата на КОВИД-19. Набавката на опремата беше финансиски помогната од Германија.

„Опремата што ја добивме денес ќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против КОВИД-19, како и за подобрување на пристапот до податоци кои спасуваат животи. Имунизацијата против КОВИД-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт, вклучувајќи и против доминантниот Делта сој на вирусот”, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија, истакна дека „Давањето поддршка на Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем е еден од приоритетите на СЗО во Северна Македонија.” „Испораката на критично важна техничка опрема ќе го зголеми капацитетот на здравствениот систем за рутинско собирање здравствени податоци во реално време и за искористување на овие информации за ефективен одговор во континуираната битка против оваа пандемија и секоја друга болест што може да се спречи со вакцина. Тоа можеме да го постигнеме единствено со нашите партнери, и затоа во оваа прилика сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за нејзините флексибилни придонеси за СЗО, особено во европскиот регион на СЗО” – додаде д-р Тавила.

Нејзината екселенција Анке Холштајн, амбасадорката на Германија во Северна Македонија, изјави: „Многу сум среќна што Германија го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем. Оваа опрема ќе значи поголема здравствена сигурност и ќе биде од корист за сите граѓани. Можеме со сигурност да кажеме дека правичната и брза дистрибуција на вакцините ќе помогне во борбата не само против пандемијата на Ковид-19.”

СЗО во Северна Македонија континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза со КОВИД-19. Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување на национален план за вакцинација против КОВИД-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот ланец, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво.

Можеби ќе ве интересира

Министерот Беким Сали учествува на 75-та Асамблеја на СЗО во Женева

M T

Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? – СЗО објави извештај за Македонија

M T

Заев најави поддршка за ИТ индустријата

CENTAR MKD