Интегритетот на институциите е прв чекор за спречување на корупцијата и судирот на интересите, а за негово зајакнување е значајно зголемувањето на транспарентноста на институциите преку остварување на правото на граѓаните на слободен пристап до информации од јавен карактер. Во напорите за подигнување на јавната свест за оваа значајна тема се вклучи и уметникот Давид Ристевски, кој преку графит испрати порака до јавноста.
„Живееме во свет на симболи, па оттука уверен сум дека мојата порака ќе поттикне многу луѓе, особено младите, да преземат акција и да придонесат за поголем интегритет на институциите. Верувам дека уметноста како важен дел од општеството може да придонесе кон промени“, истакна Ристевски.
Овој настан е дел од кампањата за интегритет која се спроведува во рамки на проектот: Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија. Во имплементација на кампањата се вклучени Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во рамки на кампањата се работи и на подигнување на свеста за важноста на укажувачите и за нивната соодветна заштита.
„Дел од целите на оваа кампања – спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и заштитата на укажувачите – се истовремено и едни од главните области на делување на ДКСК. При тоа е особено важно градење на култура во која личниот и институционалниот интегритет ќе биде приоритет кон кој ќе се стремиме сите. Но, за да имаме поголем ефект неоходно е широко вклучување на граѓаните и нивна поддршка. Затоа ги повикувам сите граѓани да пристапат и да го дадат својот личен придонес за оваа заедничка цел“, истакна Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На настанот присуствуваше и директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчевска, која истакна: „Цел на Агенцијата е преку примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да ја подигнеме транспарентноста на институциите, тоа е прв чекор кон поголем интегритет. Ги повикуваме граѓаните да ги користат своите уставни и законски права, како што е правото на пристап до информации, така го јакнат интегритетот на институциите и нивната отвореност и транспарентност“.
Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“ е финансиран од Европската Унија.