Во услови кога вакцинирањето против Ковид-19 е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, донесувањето на евентуална одлука од страна на Владата со која работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите за работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива.
Дополнително, неприфатлив е и предлогот за платени два слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно не важела оваа поволност.
Ова се ставовите на членовите на Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ), во врска со најавата за новите предлог мерки за невакцинираните работници предложени од страна на Комисијата за заразни болести кои треба да ги разгледува Владата.
Во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, предлогот со кој трошокот за тестирање на работниците кои не сакаат да се вакцинираат да падне на товар на работодавачите би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување за компаниите.
ОРМ предлага Владата да преземе други мерки со кои би се стимулирала имунизацијата на населението, а не целокупниот товар да се префрла на компаниите кои досега доследно ги спроведуваа сите одлуки на надлежните државни органи и во целост обезбедуваат примена на протоколите и превентивните мерки за заштита од Ковид-19 во текот на работниот процес. За да го поттикне вакцинирањето Владата би можела на пример да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и невакцинирани работници, во случај тие да се разболат од Ковид -19.
Инаку, најголемиот дел од компаниите и досега практикуваа мерки со кои го стимулираа вакцинирањето против Ковид-19, како што се: исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, на вакцинираните не им се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат од Ковид -19, како и други стимулативни мерки.