23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев ќе ја ефектуира оставката – Во вторник ќе почне постапката за избор на нов лидер на СДСМ

Следнава недела премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши повторно ќе разговараат за тоа дали опозициската партија ќе стане дел од владиното мнозинство. Заев ја најави својата оставка од лидерската партиска позиција за во вторник.

На два и пол часовната средба во Клубот на пратениците во Скопје на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши не се постигна конечен договор дали опозициската партија ќе стане дел од владиното мнозинство. Заев рече дека било разговарано за неколку проблематики за кои ќе размислат за време на викендот и во СДСМ и во Алтернатива, но ќе разговараат и со партнерите од владината коалиција.

„Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни. Продолжуваат разговорите следната седмица. Како нешто ќе утврдиме, така и ќе ја информираме јавноста“, рече Заев.

На средбата, Заев, рече дека им биле соопштени условите под кои натаму би продолжиле разговорите. Тој додаде дека сите треба да водат грижа за европската иднина на земјата, а тоа рече било можно ако има стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство.

Алтернатива, која има четири пратеници, досега беше дел од опозицискиот блок, а на неодамнешните локални избори заедно со Алијанса за Албанците соработуваа со ВМРО-ДПМНЕ. По минатонеделната неуспешна интерпелација на Владата која ја поднесоа доскоро владината Беса, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива, беа најавени денешните разговори за окрупнување на владиното мнозинство.

Гаши, пак, рече дека имале отворена дискусија и оти за двете опции кои се пред нив – поканата за членство во Влада или да останат опозиција ќе дискутираат на органите на партијата врз основа на аргументи.

„Имавме отворена дискусија и јас сум убеден дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас“, изјави Гаши.