Неколку лица, сите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ купиле или добиле на дар парцели земјиште во општина Делчево, сите вредни околу 40.000 евра. Истите парцели само две-три недели подоцна ги продале и за 40 пати повеќе од пазарната вредност или за вкупно 1,6 милиони евра, открива пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Таа додаде дека на површина испливал голем скандал кој директно води до Белиот дворец и луѓе блиски на Христијан Мицкоски. Како што тврди Петровска, едно од вмешаните лица е и Влатко Илиевски, дел од обезбедувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката покажа еден од договорите за купопродажба каде стои потписот на Илиевски, телохранителот на Мицкоски, кој е вреден 500.000 евра.
-Дали разликата од препродажбата како црни пари завршиле во, како што вели, Белиот дворец за што постојат оправдани сомневања, прашува Петровска.
Претходно, 360 степени објави дека ЕВН Електрани, како фирма ќерка на ЕВН Македонија, имала купено најмалку 7 парцели во околината на Делчево со цел на нив да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија.
Во репортажата се објавува дека две од тие парцели биле продадени на ЕВН Електрани по 800 денари за метар квадратен, иако само три недели претходно биле купени за само 15 – 20 денари за метар квадратен.
Сомнително е, како што се вели во текстот, што двајцата продавачи Дарко Т. и Влатко И. стануваат сопственици на земјиштето само три недели пред да и го продадат земјиштето на ЕВН Електрани. Купопродажните договори, пак ЕВН Електрани со овие лица ги склучил на 21.09.2021 година, односно неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори. И двајцата продавачи на земјиштето, според 360 степени, биле на некој начин поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Дарко Т., бил советник во Општина Делчево од 2013-2017 година од ВМРО-ДПМНЕ, а Влатко И. бил член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.