23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: 17 ноември, е запишан како ден кога во 1991 година, во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереноста и самостојноста

Во временската линија на развојот на нашата државност, денешниот ден, 17 ноември, е запишан како ден кога во 1991 година, во Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше усвоен Уставот на Република Македонија, прв по прогласувањето на сувереноста и самостојноста на 8 септември, откако претходно беше усвоен нацрт-амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на државата, напиша премиерот Зоран Заев на фејсбук.

– Историјата уште запиша дека пратениците од првиот мандат на плуралното Собрание од 1991 до 1994 година го дадоа својот исклучителен придонес во процесот на градење на македонската парламентарна демократија, и во креирањето и донесувањето на неопходните државотворни акти и документи со кои јасно се трасираше патот за изградба на самостојна и независна држава.

Во мандатот на пратениците од првиот пратенички состав беше распишан референдумот за независност, беше усвоен првиот устав на независна Република Македонија и беа утврдени државната химна и знаме како темелни обележја на независната и суверена македонска држава.
Во трите декади што следеа по овој историски настан, Уставот на Република Северна Македонија, беше дополнет со амандмани уште во осум наврати за да бидат вградени сите неопходни и институционални и идентитетски атрибути на една самостојна и суверена држава според стандардите на домашното и меѓународното право.

Во годината кога одбележуваме 30 години независна држава, Република Северна Македонија, како рамноправен партнер во најмоќниот безбедносен и политички сојуз – НАТО, ги дели вредностите на Алијансата, а како кандидат за членство во ЕУ ги прифати и ги промовира европските вредности како резултат на слободно изразената волја на народот и низ политичките институции, напиша Заев.