23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Касами: Очекувам пратеници од опозицијата да се приклучат на актуелното мнозинство

Лидерот на Беса и новоизбран градоначалник на Општина Тетово, Биљал Касами, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека очекува актуелното владино мнозинство да се зголеми, односно пратеници од опозицијата да се приклучат на мнозинството.

„Мислам дека тоа ќе се случи. Имаме силна поддршка од Вашингтон“, посочи Касами.

Со Касами беше разговарано и за тоа дали министерката за одбрана Радмила Шекеринска може да биде предложена за мандатар.

„Не знам каква Влада може да биде со Радмила Шекеринска. Тоа се шпекулации, но пак ќе кажам, ние имаме договор со Заев, како претседател на СДСМ и со никој друг“, порача Касами.

Претходно Касами посочи дека треба забрзување на евроатлантскиот процес на државата, односно дека за нив е важно Владата да продолжи во тој правец.

„Не сум имал средба со Заев, ќе се сретнам со него оваа недела. Ние имаме договор со Заев, кој е претседател на СДСМ. Ние добивме мандат од граѓаните на изборите во 2020 година и имаме обврска да го продолжиме мандатот. Северна Македонија нема друга алтернатива освен евроатлантскиот пат“, посочи Касами.

Тој вели и дека треба реконструкција на Владата.

„Треба да има промени. Не сме сигурни дали ќе гласаме за сите министри на ДУИ“, додаде Касами.