24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Владината коалиција е стабилна, коалиционите партнери се против нови парламентарни избори

Коалиционите партнери дел од владејачкото мнозинство попладнево одржуваа состанок во Владата, откако премиерот Зоран Заев најави оставка од премиерското место и од лидер на СДСМ по поразот на СДСМ на локалните избори.

„Немаше ниту еден сомнеж од ниту еден од присутните на состанокот во Влада во однос на парламентарното мнозинство во земјата, а сите се и против оставката на премиерот Зоран Заев“, рече првиот вицепремиер Артан Груби.

Тој изјави дека сите сметаат дека оставката што ја понуди Заев била избрзана и дека тој треба да се продолжи со предводењето на владата и на политиките, оти тоа го очекуваат граѓаните. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети не присуствувал на состанокот, тој, како што рече Груби, славел во Кичево за победата на партијата на изборите. Груби вели дека само оваа влада може да го реши спорот со Софија и да ги отвори преговорите со ЕУ и да ги негува меѓуетничките односи.

„Не смееме да си дозволиме авантури во овие кршливи времиња не само за нашата земја, туку и за целиот регион“, рече Груби.

„Мнозинството е стабилно, какви било процеси кои би воделе кон предвремени избори би биле многу тешки и проблематични за економската ситуација, за социјалната и за безбедносната состојба, изјави Аријанит Хоџа од Беса, кој е и актуелен министер во владата предводена од Зоран Заев.

„Едногласно сите бевме против предвремени избори. Владата доби мандат во 2020. Легитимитетот што извира од изборите лани е доволен да продолжи ова мнозинство“, рече Хоџа.

Тој вели дека Беса не се согласува со оставката на Заев, но дека тоа е негови личен чин и тој има право и тој може да одлучи.

Пред состанокот и лидерите на ДПА, ДОМ, ЛДП и НСДП, кои се помалите партии дел од владејачкото мнозинство рекоа дека се противат на нови парламентарни избори и дека остануваат дел од парламентарното мнозинство.