Локалните избори во Македонија ги придвижија унгарските медиумски тајкуни блиски на премиерот Виктор Орбан за проширување на својот бизнис за откуп на рекламен простор во медиумите на Балканот.
Коинциденција или не, но контроверзната рекламна агенција „Атмедиа“ од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град.
А можеби е индикативен и фактот што веќе во септември претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и Николски беа на работна средба со Орбан во Будимпешта и се пофалија дека добиле поддршка за локалните избори во Македонија.
Кон средината на месец август, во Централниот регистар на Северна Македонија е регистрирана нова компанија за огласување преку медиуми, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“. Новоснованата фирма е во сопственост на рекламната агенција „Атмедиа“ од Унгарија која е добро позната на тамошниот медиумски пазар, бидејќи зад неа индиректно стојат поранешни советници и блиски пријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Атмедиа“ во Македонија е регистрирана на 16 август, а како управител е назначен Ендре Лацко, кој фигурира како управител и на српската подружница, основана само три дена подоцна, на 19 август. Според неговиот ЛинкедИн профил, Лацко е дел од „Атмедиа“ од 2019 година, а кон крајот на 2020 станува директор на нивното прво проширување на Балканот, „Атмедиа Словенија ДОО“. Тој работел во голем број медиуми и продукциски куќи, меѓу кои и унгарската провладина телевизија ТВ2.
Во документите од Централниот регистар во Македонија, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“ сѐ уште е регистрирана на адресата на „Адвокатското друштво Поленак“. Новоотворената веб-страна за македонскиот пазар не е активна.
Целосната вест прочитајте ја на Слободен Печат