Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која себеси уште на почетокот на кампањата се пофали дека имала достигнувања како никој друг во Европа, сепак се „сопна“ на локалните предизвици.
На површина излегоа слабите познавања на Арсовска за менаџирањето со локалната самоуправа, иако во јавноста беше претходно позната како стопанственик, воедно и претседател на Сојузот на стопански комори. Токму во тоа својство Арсовска беше една од најгласните контра зголемувањето на минималната плата, која тогаш изнесуваше само девет илјади денари и застана во одбрана на компаниите на сметка на работниците, споделувајќи го ваквиот став заедно со носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, Трајко Славевски.
Но, штом стартува кампањата Арсовска ја видовме во ново руво, најавувајќи дека рамо до рамо со граѓаните ќе ги решава нивните проблеми. Едно од најпопулистичките ветувања, во борбата за глас повеќе, остана запаметено она за бесплатен јавен превоз, за кое во интервјуто на Телма телевизија ниту сама не знаеше да одговори колку би го чинел Градот Скопје неговото имплементирање. Уште помалку Арсовска не знаеше да одговори ниту колку тежи буџетот на градот, но тоа не ја спречи да вети и набавка на 250 нови електрични автобуси. Откако веројатно стана свесна за сумата што би се издвоила за 250 електрични автобуси, ова помпезно ветување на Арсовска претрпе измени, па така, со последната корекција најавена е набавка на 150 автобуси на природен гас и уште сто на алтернативен енергенс. Сега Арсовска знае и со кои пари ќе ги набави автобусите, односно преку европскиот проект Хоризонт 2020. Ова ветување сепак е тешко дека ќе добие реализација, особено поради фактот што овој европски проект е веќе одамна затворен.
Данела Арсовска продолжи да тврди и дека нема подобрување во квалитетот на воздухот на Скопје, но истражувањата на светски и домашни релевантни институции ја побиваат оваа нејзина изјава. Последните неколку години, екстремното загадување во главниот град бележи намалување, а во очекување на последните анализи кои ги работи експертски тим на УНДП, Град Скопје, УГД-Штип и Министерството за животна средина и просторно планирање, резултатите од анализите на загадувањето со ПМ10 честичките во претходните четири години покажуваат тренд на намалување на годишно ниво. Континуиран пад на средното годишно ниво е забележан од 2018 година (57,39) до минатата година (47,70), ако се има предвид дека од 2015 до 2017 година, средното годишно ниво на ПМ10 честичките се движело од 71,30, преку 71,91 до 70,03 во 2017 година.
Арсовска не запре со гафови ниту по прашањето на инфраструктурата. Таа најави продолжување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево, што инаку веќе се реализира. Таа вети и изградба на булеварот „Хрватска“, за што Град Скопје веќе ја собра градежната документација, а понуди се отворени и за продолжување на булеварот „Словенија“, што Арсовска го вети како нејзин проект.
Кампањата на Арсовска сепак ја заокружи и обележа нејзиното наводно бугарско државјанство за кое обвини СДСМ. И покрај тоа што од СДСМ на прес-конференција обелоденија документи дека има бугарско државјанство, но по цел ден молк таа вечерта оваа информација ја демантираше. Но, она што следуваше е дека од СДСМ ја објавија и нејзината бугарска лична карта.
Арсовска ќе остане запаметена и по тоа што избегнуваше дуел со кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов, а и често ги избегнуваше новинарските прашања на кои не сакаше да даде одговор.