25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

„Ќе видиш кога ќе дојдеме на власт!“ – обезбедувањето на Мицкоски со закани кон граѓанин за време на митингот „Создади нова иднина“ во Вевчани

Обезбедувањето на шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му се заканувало на еден граѓанин од Вевчани, го легитимирало и ја фотографирало неговата лична исправа, за време на митингот под мотото „Создади нова иднина“, што партијата го одржа вечерва, 24 октомври. Случајот е пријавен в полиција, пишува Фронтлајн.мк.

Редакција Фронтлајн успеа да стапи во контакт со жртвата на заканите. Се работи за Танче Шекуткоски од Вевчани, вработен во локалниот здравствен дом.

Шекуткоски за Фронтлајн изјави дека бил присутен на собирот во Вевчани каде што Мицкоски држел говор. Додека траел говорот граѓанинот извикал:

„Уа!“.

Веднаш, еден припадник на обезбедувањето на Мицкоски му пришол и го прашал зошто го направил тоа, на што нашиот соговорник му одговорил дека не се согласува со кажаното и има право да го искаже своето негодување.

Тогаш, телохранителот на Мицкоски му побарал да се легитимира. Шекуткоски ја дал личната карта без негодување, но бил изненаден кога видел дека телохранителот на Мицкоски ја фотографирал неговата лична исправа пред да му ја врати.

Тука не завршува овој немил инцидент. Телохранителот на Мицкоски му се заканил на граѓанинот со зборовите:

„Ќе видиш кога ќе дојдеме на власт!“

Граѓанинот тогаш го прашал како се вика телохранителот кој му се заканувал и му ја фотографирал личната исправа, на што тој се претставил како Димитар Димовски.

Во моментот кога Фронтлајн разговараше со Шекуткоски, тој го пријавуваше случајот во полициска станица.

Редакција Фронтлајн веднаш побара објаснување од ВМРО-ДПМНЕ на мејл адресата што е на нивната веб страница, под која стои дека одговараат веднаш. Штом одговорат на мејлот, веднаш ќе биде објавен. Инаку, тоа ќе биде првиот одговор на трицифрен број прашања што досега ѝ се поставени на оваа партија.

„Создади нова иднина“ е караванот на ВМРО-ДПМНЕ преку кој Мицкоски се обидува да ги добие гласовите од македонските граѓани низ земјата. Од говорницата се ветува едно, но зад сцената, вмровците се однесуваат исто како и секогаш.

извор Фронтлајн.мк.