„Слободоумните граѓани на Скопје знаат да одржат лекција, но знаат и кога им се потребни на својот град и држава. Ги знаат и своите одговорности. Затоа прогресивното граѓанство на 31 октомври ќе гласа за прогрес, бидејќи тоа е неговата и нашата лична идеологија“ кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на граѓанскиот собир на неговата партија во Скопје.
Тој додаде дека не треба да ги убедува прогресивните и слободоумни граѓани во разликите помеѓу СДСМ и режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи оваа Влада не ги дели луѓето на наши и други, не го подрива соживотот, туку верува и го остварува концептот Едно општество за сите, во кое сите имаат исти права, но и подлежат на исти обврски пред законите и државата.
„Прогресивното граѓанско тело знае да поддржи, но знае и да предупреди и да одржи лекција. По тоа се разликува и ние, голема е разликата од ВМРО-ДПМНЕ до нас. Дали можете да се сетите на некое раководство кое било толку критично кон себе и го разбирало и уважувало граѓанскиот глас и веднаш се корегирало? Скопјани, ние ве разбравме и постапуваме“ кажа Заев.