23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАБИЗНИС

Директорот на Одделот за статистика на ММФ: Во последните две години, Народната банка оствари исклучителни успеси во сферата на статистиката

Народната банка се вбројува меѓу централните банки коишто и покрај пандемијата, без прекин ја унапредуваат својата статистика. Конкретна потврда за тоа е објавувањето на годишните податоци за финансиските сметки. Постигнато е многу и на планот на дисеминацијата на податоци, откако започна да работи статистичкиот портал „НБСтат“. Статистичките податоци коишто ги објавува Народната банка се усогласени со највисоките меѓународни стандарди коишто ги исполнуваат само 26 земји во светот.

Ова го истакна директорот на Одделот за статистика на Меѓународниот монетарен фонд, Луј Марк Душарм, на состанокот со тимот на Народната банка, предводен од гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.

На средбата, Душарм посочи дека остварувањата на Народната банка во сферата на статистиката, особено во изминатите две години, придонесоа за исклучителни успеси коишто се од големо значење и за севкупниот статистички систем на земјата. Но, како што беше нагласено, тоа е значајно и за економијата во целина, бидејќи дава основа за носење исправни одлуки, како од носителите на политиките, така и од корпоративниот сектор. Истовремено беше нагласено дека е значајно што Народната банка, од почетокот на корона-кризата наваму, сите статистички истражувања ги оствари без доцнење.

Во разговорот со експертите од Одделот на ММФ беше истакнато и дека Народната банка постојано работи на подобрување на транспарентноста, квалитетот и обемот на статистичките податоци коишто ги подготвува. Јасното, навременото и квалитетното известување за монетарните и финансиските состојби и движења е од особено значење при носењето на политиките, коишто овозможуваат одржување на макроекономската и стабилноста на финансискиот сектор.

Народната банка, пред неполна година, започна со објавување на податоците за годишните финансиски сметки на домашната економија, коишто ги прикажуваат состојбите на финансиските средства и обврските. Ова беше значаен чекор за домашниот статистички систем, бидејќи овие податоци даваат детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврските на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и меѓусебната финансиска изложеност на одделните сектори. Оттаму, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.

На средбата беше истакнато дека Народната банка засилено работи и на подготовка на нови статистички податоци, односно целосно заокружување на показателите што се во нејзина надлежност, согласно со највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус, којшто го исполнуваат само 26 земји во светот.

Беше посочено и дека Народната банка преку повеќе проекти со ММФ, Европската Унија и Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија (SECO), работи на јакнење на статистичките капацитети.

На состанокот учествуваше и тимот од Министерството за финансии, предводен од министерот Фатмир Бесими.

Можеби ќе ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е столб за одржување на финансиската стабилност

M T

ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е во согласност со највисоките европски стандарди

M T

Светска банка: Народната банка активно ја унапредува регулативната рамка за ефикасен и сигурен банкарски систем

M T

Ангеловска-Бежоска ‒ Азески: Мерките спроведени од Народната банка го ублажија ударот на пандемијата врз економијата

M T

Народната банка ги претстави макроекономските проекции пред меѓународната заедница

M T

Народна банка: ЕК со највисоки оценки за монетарната политика

M T