23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Илиевски: Сакам да го изградам Куманово, да не зборуваме веќе за канализација, водовод и улици, туку за развој

„Не влегувам во никакви предизборни коалицирања и пазарења. Јас сакам да го градам Куманово, за да не зборуваме веќе во Куманово за канализација, водовод и улици, туку Куманово да се развива“ кажа кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ и коалицијата, Оливер Илиевски на дебатата на ТВ24.

„Ќе изградиме две градинки, катни гаражи, ќе го решиме сообраќајниот метеж во Куманово и ќе работиме на проширување и реконструкција на сите сообраќајници во градот “ кажа Илиевски.

Тој додаде дека треба конечно, после 20 години конечно да се донесе генералниот урбанистички план на Куманово, со цел да се растерети метежот.

Илиевски вети дека во Куманово ќе бидат посадени 50 илјади дрвја за четири години, како и уредување на сите месни јавни површини и изградба на детско катче, мултифункционално игралиште и посебно место за возрасните и пензионерите во секоја населба.

„Наместо пластички ступчиња, да насадиме дрвореди, да го изградиме кејот од двете страни од влезот до излезот на Куманово, да ги реконструираме училиштата за повеќе да не ни течат кровните конструкции“ повика Илиевски и ја побара поддршка од сите граѓани на Куманово на вториот круг од локалните избори на 31 октомври.