22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Спасовски: Моето длабоко уверување е дека на 17 октомври нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста

– Изборите секогаш претставуваат демократски испит за зрелоста на една држава. Така ќе биде и со (седмите по ред) Локални избори 2021, на чиј праг сме. Наша заедничка задача e не само  успешно да го положиме тој испит, туку и да ја поставиме нашата држава на едно ново, повисоко квалитативно ниво, што впрочем се очекува да претставува основна цел на сите политички субјекти. Мирните и демократски избори ја обезбедуваат иднината на нашата држава! Затоа и ве поканувам во еден празничен изборен дух да ги избереме идните преставници на локалната власт, како што доликува на земја која е членка на НАТО и е на пат за членство во Европската унија, порача Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

– Моето длабоко уверување е дека на 17 октомври нашата татковина ќе го положи својот демократски испит на зрелоста. Политичката свест кај граѓаните на Република Северна Македонија за одговорноста која ја имаат пред иднината на својата држава е на едно високо ниво. Интегритетот на изборниот процес зависи од целосното почитување на основните демократски принципи, според кои граѓаните можат слободно да ја изразат својата волја преку гласачките кутии, во мирна атмосфера, без каква било форма на притисок, а притоа почитувајќи ги и мерките за заштита од Ковид-19, вели Спасовски во пресрет на изборите.

– Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси и ги презема сите надлежности што се предвидени со Изборниот законик. Од доставување на податоците потребни за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на самиот ден на изборите, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК. Значи, МВР е максимално подготвено да одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес.

Апелирам, најнапред до носителите на изборните активности, кандидатите за градоначалници и политичките субјекти што ги поддржуваат тие кандидати, да ги остават граѓаните самостојно да си ја донесат одлуката. Борбата на идеи е втемелена во нивните изборни програми, кои имаа можност да ги претстават за време на предизборната кампања. Сега е редот на граѓаните да го направат изборот според сопствените убедувања! 

Но, би сакал да ја искористам оваа последна прилика пред почетокот на предизборниот молк да испратам порака и до граѓаните – бидете партнери на македонската полиција, затоа што  безбедноста е наша заедничка цел! Партнерскиот однос значи и размена на информации, навремено пријавување во МВР на евентуални незаконски активности во врска со изборниот процес, нарушувања на вашето избирачко право или било каква злоупотреба на тоа уставно загарантирано право. Ние сме тука соодветно да одговориме, полицијата е подготвена да биде гарант за заштита на законитоста, редот и безбедноста. 

Нека биде заедничко задоволството на крајот на овој изборен процес да констатираме дека  сме имале беспрекорен изборен ден, дека заеднички сме придонеле за фер и демократски избори, кои ќе го подигнат уште едно скалило погоре меѓународниот углед на земјата. Нека биде ова заедничка победа на демократијата и евроатлантските вредности, порача Спасовски во своето обраќање до јавноста.